Даниел Крег (средина) и Лашана Линч (десно)

Изборот агентот 007 да биде глумен од Лашана Линч ги подели обожавателите на култниот филмски серијал за Џејмс Бонд. По долгогодишната традиција во која Бонд беше глумен од белци, дел од обожавателите бараа тајниот агент да биде глумен од жена, а во 2012 година се раширија гласини дека улогата на познатиот шпион ќе ја толкува актерот Идрис Елба. Но, викендов беше објавено дека Лашана Линч ќе го наследи Даниел Крејг и ќе биде новата агентка 007, пренесува „Гардијан“.

Промените во новиот филм, би можеле да ја сменат и репликата по која е препознатлив агентот 007, кој вообичаено се претставува со „Јас сум Бонд, Џејмс Бонд“, со што Линч би можела да ја прилагоди во „Јас сум Бонд, Џесика Бонд“. 

Останува да се види дали Линч ќе успее да се носи улогата на агентот 007. Според досегашните информации, таа го носи бројот на пензионираниот агент Бонд, кој е глумен од Крејг, а нејзината мисија ќе биде да го натера тој да се врати во служба поради важна мисија. Многумина сметаат дека Линч во ова сценарио е претставена како спореден лик во однос на Крејг.

Ова не е првпат култни филмски ликови да претрпат „промени“, што е проследнено со негодувањата на обожавателите. Љубителите на анимираните стрипови и на филмовите, исто така, имаа поделени мислења кога станува збор за промена на клучните ликови како, на пример, Џокерот, лутиот непријател на Бетмен, откако на Интернет се појави барање тој да биде глумен од жена. Франшизата „Доктор Ху“ изгуби голем број обожаватели откако „докторот“, кој речиси пет децении беше претставен како маж, сега го глуми Џоди Витејкер. „Осумте на Оушн“, филм во кој водечките ликови се сите жени, како замена за „Единаесетте на Оушн“, не беше толку позитивно прифатен од обожавателите, како што беше очекувано, исто како и случајот со „Истерувачи на духови“ од 2016 година, филм во кој сите главни улоги беа заменети со жени.

Сепак, имаше и случаи со позитивни критики кога костимот на главниот лик го носи некој што не е оригинален лик од приказната. Мајлс Моралес од „Човекот-пајак: Нов свет“, кој има африканско и латинско потекло, успешно се снајде во улогата на новиот „Спајдермен“, а оригиналниот Питер Паркер служеше само како потпора и поддршка во авантурата на младиот херој од филмот.

Според ставовите на голем број обожаватели на култни херои, многумина се заситени од старите приказни кои одново се кажани, но овојпат преку актери од спротивниот пол или со поинаква боја на кожата, па затоа сугерираат дека филмските студија можеби треба да се посветат на создавањето нови јунаци и приказни.