Во судир со непланската урбанизација, локалитетот Вардарски Рид речиси редовно ја губел битката на штета на својот интегритет. Со изградбата на мотелот и автокампот „Вардар“, со трасирањето на дел од меѓународниот автопат Е-75 во 1970-тите и 1990-тите години, како и со подигањето на Спомен-паркот и Споменикот на слободата, тој изгубил речиси третина од своите граници. Иако во 2004 година е прогласен за споменик на културата, неговата девастација продолжи и во 2014 година, со реализација на проект за поставување екопатека, вели археологот кустос-советник Бобан Хусеновски

Археолошкиот локалитет Гевгелиски, односно Вардарски Рид, со својата досега позната историја и местоположба неоспорно го привлекува вниманието на науката и јавноста, а самиот факт дека годинава се навршуваат две и пол децении од почетокот на неговите систематски ископувања, го привлекува вниманието и на начинот на кој тој и се заштитува. На него во текот на Балканските војни и веднаш по Првата светска војна (1915 и 1920 год.), првпат од археологот А. Станојевиќ биле регистрирани движни археолошки наоди со праисториска провениенција.
Археологот кустос-советник Бобан Хусеновски, актуелен директор на НУ Музеј – Гевгелија, укажува дека стратегиската положба на локалитетот покрај познатиот Вардарски коридор била причината за појава на материјални остатоци на голем број популации со разновиден културен белег од неолитот па до римскиот период. Дури и скорашните мигрантски бранови од Блискиот Исток, смета Хусеновски, уште еднаш го потврдија значењето на коридорот.

 

Бобан Хусеновски

– Во судир со непланската урбанизација, локалитетот Вардарски Рид речиси редовно ја губел битката на штета на својот интегритет. Со изградбата на мотелот и автокампот „Вардар“, со трасирањето на дел од меѓународниот автопат Е-75 во 1970-тите и 1990-тите, како и со подигањето на Спомен-паркот и Споменикот на слободата, тој изгубил речиси третина од своите граници. Иако во 2004 година е прогласен за споменик на културата, неговата девастација продолжи и во 2014 година, со реализација на проект за поставување екопатека, пред очите на стручната јавност и надлежните национални установи – вели Хусеновски.

Од друга страна, според него, употребата на современи материјали во проектите за конзервација и реставрација на делови од зачуваната архитектура, спротивно на изворниот опус на градење, ни одблизу не ја потврдува дефиницијата за поимот реставрација.

– Ваквиот пристап не го засилува неговиот статус на споменик на културата, напротив, драстично го намалува – добро е што тој не е на листата на УНЕСКО. Во таков амбиент, Вардарски Рид засега е единствениот споменик на културата во општината Гевгелија и пошироко што во интегрална и интактна форма може да ги прикаже недвижните и движните остатоци на шесте последователни населби кои во континуитет опстанале повеќе од еден милениум. Приоритетот на досегашните ископувања и презентацијата на населбата бил насочен кон нејзиниот антички контекст, додека постариот, праисториски, помеѓу кои и најзначајниот пајонскиот од железното време, бил и сѐ уште е занемарен – додава Хусеновски.

Тој посочува и дека, наспроти проектите за урбанизација на локалитетот Вардарски Рид и неговото непосредно опкружување, проектите на културните установи (музеи и заводи), во меѓусебните надмудрувања околу границите и степенот на заштитата на овој споменик на културата, речиси по правило го губат приоритетот со првоспоменатите. Во низата макотрпни обиди на институциите за негова заштита и валоризација, пред сѐ на музејот од Гевгелија, реализирани се неколку значајни проекти.

– Систематските ископувања на Вардарски Рид почнаа во 1994 година, во организација на тогашниот Народен музеј од Гевгелија, кои подоцна продолжија во соработка со Музејот на Македонија од Скопје и Тексашката фондација за историски и археолошки истражувања од Хјустон. Добивката од долгогодишните ископувања најпрво резултира со отворање на постојаната археолошка поставка „Вардарски Рид со околните наоѓалишта“ во 2001 година, а во 2005 година и со издавање Водич низ постојаната поставка, на кој работев и јас заедно со археологот Емил Сламков. Во научното вреднување и анимирање на Вардарски Рид (античка Гортинија) голем број стручни лица од земјата и странство, заедно со мене, дадоа голем придонес со свои трудови: Драги Митревски, Вилијам Најдингер, Емил Сламков, Силвана Блажевска. Античка Гортинија предизвика интерес и кај одреден број еминентни имиња на светската археологија: Милутин и Драга Гарашанин, Оливие Пикар, Јанис Турацоглу и др. – укажа директорот на Музеј – Гевгелија, Бобан Хусеновски.

Според него, обидот Вардарски Рид да се трансформира во археолошки парк се покажал неуспешен пред сѐ поради неможноста за негова комплетна физичка заштита и воспоставување постојана чуварска служба.

– Додека не се исполнат овие услови, и покрај неговиот споменичен статус, тој и понатаму повеќе ќе личи на незаштитено добро или добро во опасност. Актуелната иницијатива за изградба на наменски музеј, покрај самиот, значаен археолошки локалитет, е единствен начин тој да биде заштитен и во целост да ги претстави своите комплексни вредности – категоричен е археологот.