Дел од македонските шахисти (одлево): Цветковски, судијата Шемшију, Димковски и Манова

На А-турнирот, пак, најдобар пласман оствари ФИДЕ-мајсторот од Неготино, Тони Лазов, кој заврши на 33-то место

Скопскиот мајсторски кандидат (МК) Стојанчо Димковски (1.909 рејтинг-поени, рангиран 33-ти пред почетокот) оствари најуспешен пласман од осумте македонски претставници што настапија на 12-от меѓународен шаховски турнир „Параќин 2019“, во конкуренција на околу 400 шахисти од 35 држави, поделени во отворени турнири А, Б и Ц.

Димковски, кој настапи на Б-турнирот, по девет одиграни кола, заврши на одличното 10-то место, со 6,5 поени (пет победи, три ремија и еден пораз), и освои нови 9,8 рејтинг-поени, што може само да радува. Во оваа категорија, Ивана Манова е на 36-то место со 5,5, Матеј Звездакоски е на 47-то исто така со 5,5, Давид Николовски е на 92-то (плус 48,4 рејтинг-поени) со 4,5, а Слободан Цветковски заврши на134-то место со 3,5 поени. Победи МК од Индија, Паван (1.993, рангиран 15-ти), со 8 поени.

На посилниот А-турнир (настапија 15 ВМ), од македонските шахисти најдобар пласман оствари ФИДЕ-мајсторот од Неготино Тони Лазов (2.313, рангиран 54-ти пред почетокот), кој заврши на 33-то место со 5,5 поени (три победи, пет ремија и еден пораз). Многу е позначајно што Лазов освои и нови 37,6 рејтинг-поени, бидејќи за официјализирање на титулата интернационален мајстор (ИМ) му недостига уште рејтинг од 2.400 поени. Филип Михов (2.188, рангиран 95-ти) заврши на 62-то место со 5 поени, додека Емил Ристески (2.150, рангиран 111-ти) со 4,5 го освои 67-то место од вкупно 166 шахисти, но и нови 68,4 рејтинг-поени. На овој турнир победи истакнатиот српски ВМ Иван Иванишевиќ (2.612), со 7,5 поени.

На турнирот од македонските судии, правдата ја делеше Агим Шемшиу.