Станува збор за музички правец што се појави во САД на крајот на 1950-тите години и е музичка мешавина од ритам и блуз со госпел. Се појавува на јавната сцена кога во САД сѐ уште не е решено расното прашање, бидејќи правата на Афроамериканците не биле доведени ниту на ниво на етнички или национални малцинства. Во тоа време американското општество беше во состојба на расна сегрегација, што се гледаше во поделеноста на јавните институции: училишта, болници, универзитети, затвори, јавен превоз, за бела и обоена популација. Токму во тој период музиката на Афроамериканците се приспособува на контекстот на времето и духот на епохата.

Ритмите на соул-музиката се побрзи, а содржината на пораките во песните е политичка. Тогаш имаме и радикализација на активностите на движењето за граѓански права, што доведе до понагласено политичко значење на овој вид музика. Соул-музиката ја презема улогата на катализатор на општественото несогласување со естаблишментот, но со забелешка дека е многу повеќе динамичен и нагласен како бунт, отколку што дотогаш беше блузот. Дури и денес кога се слуша соул-музика се забележува дека политичкиот и љубовниот контекст се најзначајните нејзини сегменти. Инаку, соулот е емотивна музика, чија идеологија е втемелена во творештвото и музичките нумери на изведувачите од Мемфис, Детроит и Чикаго. Во тие градови се и студијата „Мотаун“, „Стракс“ и „Атлантик“, кои се најзаслужни за настанувањето и развојот на овој вид музика. Впрочем во нив и настана препознатливиот „мотаун звук“.

Први музички ѕвезди на соул-музиката се: Реј Чарлс, Сем Кук, Џејмс Браун, Ајзак Хејс, Марвин Геј, Куртис Мејфилд, Стиви Вондер, Отис Рединг, Соломон Бурк, Ела Фидџералд, Махалија Џексон, Арета Френклин и други. Се верува дека трансформацијата на ритам и блуз и госпел во соул-музиката ја започнал Реј Чарлс во 1954 г. со нумерата „I Got A Woman“ (соул со шмек на изворен рокенрол и соло-делница на саксофон). На него се надоврзува Сем Кук, кој почнал со госпел и полека, полека се впуштал во водите на соулот и ја дава најдобрата соул-балада како отпор против сегрегацијата „A Change is Gonna Come“. Таа денес се чува во Конгресната библиотека во Вашингтон, како културно, историско и естетско богатство и наследство на САД. Други негови песни се „Bring It On Home“, „Chain Gang“, „Unchained Melody“, „Wondeful World“, „Mean Old World“ и многу други, кои во тие рани времиња на соул-музиката, 1957-1964 г. се најголемите хитови. Кога е во прашање овој вид музика, некако неизбежен е Џејмс Браун. Тој е најголема суперѕвезда – музички диносаурус на соулот. Нескротливото и бунтовно момче на изворната соул-музика, преку своите песни се бунтува против нееднаквоста и неправдата што им ја нанесува тогашна расистичка Америка. Тоа најдобро го направи со легендарната „Say It Loud, ˊm Black and Iˊm Proud“ со нагласени дувачки инструменти и први нишки на фанк. Оваа нумера на Браун е протест кон сопствениците на радиостаниците, кои не пуштале музика од црномурести изведувачи. По заслуга на оваа нумера, тој е наречен „господин сеј ит лауд“. Подоцна со хитовите како „I Got The Felin“, и „I Got You (I Feel Good)“, тој ќе го создаде „Џејмс Браун звукот“ и ќе стане заштитен знак на соул-музиката.

На почетокот пак на 1960-тите Соломон Бурк ги снима и ги изведува нумерите „Cry to Me“ (соул со нагласен ритам на рок), „Just Out of Reach“ (извонредна госпел-балада), „Down in the Valley“ (соул со примеси на фанк) и „Valley Of Tears“ (микс на соул со кантри), кои денес се сметаат за класици на жанрот. Основни карактеристики на сите овие соул-нумери е што даваат религиозни проекции на секојдневна животна рутина на публиката, редовно придружени со религиска аура, но и релевантен став на световност. Првите вистински соул-концерти на овие ѕвезди имаат иконографија на верски обреди од југот на Америка, пејачите неретко биле на работ на транс, а публиката во занес. Видливи се знаците на афроцентричност и свртеност кон пракорените и африканската музичка матица. Подоцна следува втората генерација соул-пејачи од кои најпознати и најславни се: Арета Френклин, Отис Рединг, Ајзак Хејс, Марвин Геј, Стиви Вондер и други. Далеку пред сите е соул-дивата Арета, која ги испеа незаборавните „A Never Loved a Man“, „Respect“, „Do Right Women, Do Right Man“, „Chain Of Fools“, „Thing“ и многу други. Ајзек Хејс беше првенец на духовниот соул, а во музиката на Марвин Геј има залагање за подобар свет, борба за остварување на граѓански права, грижа за семејството и зачувување на чистотата на животната околина. Овие теми особено се присутни на неговиот концептуален албум „Whatˊs Going On“ со остри општествени коментари и слогани за промени на светот во подобро место за живеење.

Соулот е привлечен ритам, напнат вокален звук, нагласено плескање со раце, динамични движења со телото, многу гласна хорска придружба и нагласени делници на дувачки инструменти. Сепак, најдобар опис или најсликовито објаснување на соул-музиката дава, кој друг, ако не нејзиниот кум, Џејмс Браун, кој кажал дека џезот и блузот ги дале формата и ритамот на соулот, а госпелот трајно му го отстапил гласот. Како и да е, соулот истовремено е и уметничка музика, и општествена музика и верска музика на обоената Америка. Како таква, оваа музика е најуспешна и најкомерцијална од сите комбинирани жанрови на рокот.

Соул-музиката е душата на рокенролот