Речиси 600 вида билки исчезнале во дивината во последниве 250 години, покажаа истражувањата на научниците што ја анализираат популацијата на 330.000 билки низ целиот свет. Според нивните откритија, од 1900 година до денес годишно изумираат во просек околу три растителни вида.

Во поголем дел од случаите исчезнувањето е лоцирано на изолираните острови на Хаваите, Австралија, Бразил, Индија, каде што растителните видови биле најранливи поради промените на животната средина предизвикани од луѓето.
Научниците велат дека подрачјата на исчезнување на растителните видови се поклопуваат со подрачјата каде што се загрозени и некои животински видови.
– Повеќето луѓе успеваат да се сетат на името на одреден цицач што исчезнал или, пак, на птица што исчезнала во последните неколку века, но малкумина може да наведат растенија што повеќе не постојат. Благодарение на оваа студија првпат ќе имаме увид во тоа кои билки исчезнале и колку брзо се одвивало исчезнувањето – вели Елис Хамфри од Универзитетот во Стокхолм.

Меѓу растенијата што веќе не виреат на планетата Земја е чилеанското сандалово дрво, кое се користеше во производството на есенцијални масла.

Научниците од Универзитетот во Стокхолм информираат дека се исчезнати 571 вид билки, што е двојно повеќе од исчезнатите птици, цицачи и водоземци. Тие стравуваат дека, сепак, ова не е реалната слика и дека оваа бројка е многу поголема.
Проблемот со исчезнување на билките е голем затоа што од нив зависи животот на земјата. Тие ни обезбедуваат храна и воздух. Исто така, изумирањето на билките влијае на изумирање на одредени организми што зависат од нив, како некои видови инсекти што се хранат од билки или кои ги користат за полагање јајца.

– Веста за изумрените растенија е лоша за секого на земјата. Опстанокот на милиони видови зависи од растенијата, меѓу кои се вбројуваат и луѓето. Со оглед на тоа што сега откривме кои се изумрени, наша задача е да ги посадиме повторно и да ги зачуваме за да овозможиме живот за другите организми. Мора да се преземе чекор што ќе спречи дополнително изумирање. Пред сѐ, треба да се евидентираат билките низ светот, па потоа да се обноват хербариумите во кои се чуваат голем број примероци, да се поддржат ботаничарите што се занимаваат со вакви истражувања, да се обучат децата да ги препознаваат билките што растат во нивното опкружување – вели Елис.