Фото: Маја Јаневска-Илиева

Постои ризик увозниот пораст да се зголеми повеќе од планираното поради зголемената домашна побарувачка, додека, пак, прогнозите за инвестициите може да бидат доведени во прашање поради слаба имплементација на планираните инфраструктурни проекти и нискиот импакт на зголемената финансиска поддршка за приватни инвестиции, стои во годишната процена на Европската комисија

Стабилизацијата на јавниот долг и опасноста за бизнис-секторот наметната од неформалниот сектор, како и порастот на долгот на јавните претпријатија, од страна на упатените постојано се наведуваат како дел од ризиците што ја следат македонската економија, а истите забелешки се содржани и во последната анализа на Европската комисија за економските реформски програми на земјите-кандидати за членство во ЕУ. Во анализата е посочено дека има позитивни трендови во Северна Македонија, но се укажува и на ризиците што ја следат домашната економија.
Европската комисија констатира дека економскиот пораст во земјава повторно зема залет и дека изгледите се позитивни.

– Благодарение на силниот извоз и силната домашна потрошувачка, бруто-домашниот производ (БДП) е зголемен за 2,7 отсто во 2018 г. Очекувањата се дека економијата ќе продолжи да расте од 3,2 отсто во 2019-та до 5,1 отсто во 2021-та, пред сѐ благодарение на домашната побарувачка – е наведено во годишниот извештај за Економската реформска програма (ЕРП) на Европската комисија.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Но Европската комисија исто така предупредува и на надворешните околности, кои би можеле да се влошат повеќе од очекуваното, со што се става во опасност оваа оптимистичка прогноза.

– Постои ризик увозниот пораст да се зголеми повеќе од планираното поради зголемена домашна побарувачка, додека пак прогнозите за инвестициите можат да бидат доведени во прашање поради слаба имплементација на планираните инфраструктурни проекти и нискиот импакт на зголемената финансиска поддршка за приватни инвестиции – стои во процената.

Во однос на фискалната стабилизација, се смета дека некои од мерките може да бидат недоволни на долг рок, пред сѐ поради ризиците поврзани за нивната имплементација.
– Зацврстувањето на фискалната одржливост би барало дополнителни напори за мобилизација на приходите и промена на политики што носат заштеда, вклучувајќи го и пензискиот систем – оцениле експертите на ЕК.

Понатаму се вели и дека е потребен поголем надзор врз растечкиот долг на јавните претпријатија што работат надвор од рамките на владиниот фискален режим.
Клучниот предизвик, според тоа, е стабилизација на јавниот долг преку намалување на примарните дефицити, истовремено зачувувајќи го порастот и поттикнувајќи капитални трошоци.

Следствено на тоа, се предлагаат мерки за подобрување на наплатата на приходи и намалување на даночните изземања, како и потранспарентна рамка за државната помош и дополнителна реформа на пензискиот систем. Истовремено, европската извршна власт предупредува дека овие фискални реформи не смеат да се одвиваат на штета на инвестициите во јавната инфраструктура и образованието.

Во однос на образовниот систем, според комисијата, потребна е темелна реформа на секој степен, вклучувајќи го и неформалното образование, за подобрување на состојбите за ранливите категории, како жените, одредени етнички заедници и одредени региони што постојано се соочуваат со високо ниво на невработеност. Земјата има проблем и со ниското ниво на квалификација на работниците, кои поради тоа не успеваат да најдат работа и сѐ повеќе се склони кон емиграција.

– Неформалниот сектор продолжува да претставува опасност за економијата и за бизнис-климата, бидејќи создава нефер услови на конкурентност и ги ограничува можностите на легалните бизниси да се развиваат и инвестираат во развој, иновација и продуктивност. Освен тоа, непријавените приходи и работа ја оштетуваат економијата и ги намалуваат можностите и условите на вработување, како сигурноста и безбедноста – пишува во анализата. Европската комисија е свесна дека ова прашање е особено деликатно и дека ќе бидат потребни внимателно осмислени мерки за негово решавање. Е.Р.