Иракли Кбилашвили

Грузискиот централен бек Кбилашвили е шестото засилување за победникот на
Купот на Македонија, по пикерот Вујовиќ, левото крило Поповиќ, десното крило Чантурија, левиот бек Мариќ и голманот Ѓоргески

Грузискиот централен ракометен бек Иракли Кбилашвили (20 години, 190 см) е шестото засилување во пресрет на новата сезона за освојувачот на Купот на Македонија, Металург. По десното крило Равез Чантурија, Кбилашвили ќе биде вториот грузиски репрезентативец во составот на тимот од „Автокоманда“. Заедно со Чантурија, Кбилашвили беше дел од селекцијата на Грузија, која минатиот месец настапи на Светското првенство на земји во ракометен развој и го освои првото место. Кбилашвили беше стрелец на 15 гола за грузискиот состав.

Централниот бек на Грузија, Кбилашвили, во Металург доаѓа од редовите на украинскиот тим Одеса.

– Среќен сум што доаѓам во Металург и во земја каде што ракометот е спорт број еден. Имав повеќе понуди за ангажман, но го избрав Металург бидејќи важи за ракометен расадник во кој најмногу просперираат младите играчи и кој има долгогодишна традиција и квалитет. Се надевам дека со мојата игра и ангажман ќе придонесам за остварување на клупските амбиции – изјави Кбилашвили.

Претходно таборот на Металург го засилија младиот црногорски пикер Лука Вујовиќ (19 г., 193 см, 92 кг), кој во Автокоманда дојде од редовите на црногорскиот првак Ловќен, потоа левото крило Милан Поповиќ (29 г.,186 см, 82 кг), кој во Металург пристигна по едногодишниот престој во битолски Пелистер, искусниот Чантурија (37), кој минатата сезона ги бранеше боите на Пелистер и на Струга, а своевремено шест сезони (од 2004 до 2010 година) беше дел од тимот од Автокоманда, хрватскиот лев бек Маријан Мариќ (23 години, 193 см), кој во Металург пристигна од Зрињски од Мостар (БиХ) и чуварот на мрежата Даниел Ѓоргески (25 г.,191 см), кој минатата сезона беше дел од Пелистер.

Според најавите од клубот, до почетокот на сезоната во Металург би требало да се приклучат уште најмалку двајца ракометари во бековската линија.