За пласман во неделното финале денеска играат Федерер – Надал и Ѓоковиќ – Агут

Во денешните дуели на тенискиот гранслем-турнир во Вимблдон првпат по 12 години во полуфиналето ќе играат тројцата први фаворити, Новак Ѓоковиќ, Роже Федерер и Рафаел Надал. Двојките се Федерер – Надал и Ѓоковиќ – Роберто Баутиста Агут. Во 2007 година истите тројца беа меѓу четирите најдобри, а тогаш во полуфиналето играше и Ришар Гаске.

Федерер и Надал на овој турнир се среќаваат првпат по финалето во 2008 година што го доби Надал во пет сета (во петтиот беше 9-7), кое поради дождот траеше речиси седум часа. За Федерер (38), кој е највозрасниот што стигнал до оваа фаза во минатите 28 години, ова е 13-то, рекордно полуфинале. Против Нишокори во четврт-финалето тој забележа 12 аса, и сега му недостигаат уште седум недостижни сервиси за да го достигне рекордот на Хрватот, Горан Иванишевиќ, кој има 1.397 на тревата на Вимблдон.

– Имаме многу информации за Рафа, исто како и тој за мене. Тоа значи дека можете да се нурнете во тактиката како луд два дена или, пак, да си кажете „па тоа е само тениски меч“. Јас планирам да излезам и да играм тенис. Ми беше задоволство да играм против Рафа на Ролан Гарос, радосен сум што ќе играме и тука – вели Федерер за кого ова ќе биде 45-то гранслем-полуфинале, кој има девет повеќе од Ѓоковиќ.
Во слично расположение е и Надал.

– Супер. Тешко ми е да замислам дека повторно сум во иста ситуација. Возбуден сум што пак ќе играм против Роже во Вимблдон – рече тој.

Федерер и Надал меѓу себе имаат освоено 38 гранслем-титули, од кои 20 се на Федерер, а 18 на Надал. На Вимблдон, каде што Федерер триумфирал осум пати, а Надал двапати, играле во три финалиња. Федерер доби две, во 2006 и во 2007 година, а Надал во 2008 година. Во меѓусебните 39 меча, пак, поуспешен е Надал со 24 победи, наспроти 15-те на Федерер.

Во четвртфиналните дуели Федерер го елиминира Јапонецот Нишокори со 4-6, 6-1, 6-4, 6-4 со што стана првиот тенисер што забележал 100 победи на Вимблдон. Надал беше подобар од Американецот Сем Квери, 7-5, 6-2, 6-2.

Четирикратниот и актуелен шампион на Вимблдон, Ѓоковиќ, кој деветти пат е полуфиналист на тој турнир, во четврт-финалето беше убедлив против Белгиецот Давид Гофан (6-4, 6-0, 6-2), постигнувајќи ја 70-та победа на Вимблдон.

Неговиот следен ривал, Шпанецот Агут, во четврт-финалето го совлада Аргентинецот Гвидо Пела со 7-5, 6-4, 3-6, 6-3. За Агут ова ќе биде прво полуфинале на гранслем-турнир.