Педесет и деветтото издание на фестивалот „Охридско лето” ќе биде отворено вечерва со концертот на светски познатата виолинистка Ванеса Меј на Антички театар.

Меј го носи епитетот светско чудо, а ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокални солисти од Операта, под диригентската палка на маестро Иван Кожухаров од Бугарија.

Меј стекна светска слава поради виртуозноста, но особено поради нејзиниот оригинален пристап на свирење на виолина, создавајќи фузија од класика со џез и електроника, со намера да ја доближи класичната музика до поширокиот круг слушатели. На само 13 години таа стана првиот солист на виолина на таа возраст што одржал концерт во Лондон, а подоцна токму нејзиниот микс од т.н. техно и класика ѝ донесе милиони продадени албуми во светот. Во 2006 година беше прогласена за најбогата музичарка под 30 години.

Во текот на 40-те фестивалски денови ќе има повеќе од 40 културни настани, на на кои ќе учествуват светски и домашни познати имиња на сцените на Антички театар, Долни Сарај во црквата „Света Софија“, но и во нејзиното преддворје, во Центарот за култура „Григор Прличев“, како и на други локации низ градот.

Свеченото затворање на фестивалот ќе биде на 20 август со изваедба на театрската претстава „Одисеј“ од Горан Стефановски во режија на Александар Поповски.