Советот на градот Скопје на седница разгледувашe и расправаше за поголем број предлог-одлуки. На дневен ред вчера беа предлог-одлуките за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу градот Скопје и општината Гази Баба, за изградба на атмосферска и фекална канализација на дел од булеварот Александар Македонски. Предлог-одлуката за соработка меѓу градот и општината Бутел се однесуваше на опремувањето сензорна соба отворена во градинката „11 Октомври“ во населбата Радишани.

Озеленување на просторот помеѓу олимпискиот базен „Центар“, булеварот Кочо Рацин и улицата Истарска беше предмет на предлог-одлуката за соработка на градот и општината Центар. Во неа исто така е предвидено и уредувањето на јавната зелена површина лоцирана зад Младински културен центар, како и за партерното уредување и озеленување на просторот помеѓу булеварот Гоце Делчев, Националната опера и балет, Националната филхармонија, Факултетот за музичка уметност и Националната галерија.

На вчерашната седница дополнително советниците расправаа и за предлог-одлуките за пренесување на правото на трајно користење на статични контејнери за фрлање комунален отпад, потоа на дневен ред беше и расправа за давање дозвола за вршење дејност – паркирање на МИ-ДА „Моторс“, како и за давање согласност на одлуката за давање донација на движен имот, специјално возило пајак.