Од уши в уши – така паѓаат владите

Нема власт во светот што не ги користи, а по потреба и ги злоупотребува прислушувањата што ги вршат тајните служби. Кога во Македонија докрај би се откриле тајните зачувани, неуништени, досиеја, од АСНОМ во 1944 г. па до ден-денешен, народот ќе се чуди кои имиња и личности ќе се појават на листата на прислушувани, следени, надгледувани, фотографирани. Но, според упатените во тие дејности, во нив нема само простачко-примитивни разговори за кодошење и клеветење туку изобилуваат со докази за сериозно загрозување на безбедноста

Зоран Заев мора да е сериозно загрижен. Ако не е загрижен треба сериозно да се загрижи. Зошто? Затоа што преку прислушувани телефонски разговори предвреме паѓаат македонските влади. Поточно почнува процесот на нивна делегитимација, компромитација и дискредитација, првите постапки во организиран процес за уривање на една власт. Како прилог на ваквото тврдење може да се наведат два најсвежи случаја: неговите наивни разговори со ненаивна содржина со руските наводни комичари и сомнителните разговори на генералниот секретар на Владата, еден од најсилните столбови на владината администрација. Ако неколку години беше гонител, Заев сега ќе биде гонет. Како што ќе наближува времето за избори, ќе биде уште пожестоко напаѓан политички, морално, материјално, без да се избираат средства, вклучувајќи и нови тајни снимки од телефонски разговори, за него или за неговите најблиски соработници. Елиминирањето на политичкиот противник преку прислушувани телефонски разговори е испробан метод, се покажа функционален и плодороден, ја погоди целта.

Практиката во овие триесетина години повеќепартиски, демократски живот во Македонија покажа дека употребата на таквиот начин, преку снимени телефонски разговори, повеќе од година предвреме, почна падот на владата на Љупчо Георгиевски во 2002 година. На сите им е познато дека вистински дебакл доживеаја неприкосновениот Никола Груевски и неговите најблиски соработници. Нивната судбина беше одредена уште од денот кога Заев го објави првиот прислушуван разговор од долгата серија. Ова се двата најкарактеристични и најпознати случаи. Другите се минорни или не допреле до јавноста за да имаат некое посериозно влијание врз Владата или за некој министер поединечно.

Не е никаква тајна дека двете главни партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги користеа тајните служби и од полицијата, од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК – ДБК) и од Агенцијата за разузнавање, за свои идеолошки, партиски и практични потреби во време на нивните мандати! Само малку, нема ниту пет отсто од нивните архиви што се јавно објавени, се употребени за некоја општа цел или за пресметка со партискиот опонент. Кога сѐ би се објавило не ќе остане ништо ниту од полиција, ниту од партија, ниту од држава. Во прав и пепел ќе се претворат сите приказни за демократија, слобода и човекови права. Од тие причини и „заради мир во куќата“ најголемиот број случаи се заташкуваат, како што сега се прави со снимените разговори на челниците на ДУИ. Тие секогаш се чисти како солза, само не Грчева.

Прво беше аферата „Дувло“ од 1992 година за времето на владеењето на СДСМ, кога во рамките на консолидирањето на новата независна држава, беа прислушувани и следени функционери на тогаш опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, кои покажуваа антимакедонски тенденции или беа поврзани со тајните служби на соседните држави. Речиси истовремено се појави „Сина птица“ во која тогашната Служба за државна безбедност користејќи и прислушување и инфилтрирање се обидуваше да фингира формирање паравојска под името Македонска национална гарда. Неколку години подоцна се појави мегааферата „Големото уво“, во која за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, полицијата на чие чело беше Доста Димовска, непосредно пред почетокот на војната меѓу Македонците и Албанците во 2001 година, прислушуваше стотина политичари, дипломати, бизнисмени и новинари. Тоа е онаа афера кога Бранко Црвенковски како опозиционер мавташе со списоци и преписи на прислушувани разговори, но за кои никогаш, ни тогаш ни подоцна, не се откри ниту изворот, ниту беа обелодените сите имиња или институции, кои биле под надзор на полицијата.

Прислушувањето своите небесни врвови ги достигна во времето на Никола Груевски. Објавувањето на тие снимани разговори не само што го предизвика вртоглавиот пад на Груевски, туку од корен ја промени политичката ситуација во земјата. Неговата партија не само што изгуби на избори туку се најде на обвинителна клупа со сериозни обвинувања за поткупи, провизии, корупција и криминал, товар од кој партиските наследници тешко се ослободуваат.

Нема власт во светот што не ги користи, а по потреба и ги злоупотребува прислушувањата што ги вршат тајните служби. Кога во Македонија докрај би се откриле тајните зачувани, неуништени, досиеја, од АСНОМ во 1944 г. па до ден-денешен, народот ќе се чуди кои имиња и личности ќе се појават на листата на прислушувани, следени, надгледувани, фотографирани. Но, според упатените во тие дејности, во нив нема само простачко-примитивни разговори за поткажување и клеветење туку изобилуваат со докази за сериозно загрозување на безбедноста на Република Македонија како држава и на Македонците како народ, за дејности на штета на сопствената, а во корист на други држави.

Нема ништо спорно и непознато дека во времето на комунизмот и социјализмот биле прислушувани и следени непријателите на режимот, непријатели според тогашните критериуми и гледања. Биле опфатени главно лица што се изјаснувале по линија на ВМРО и Информбирото, а посебно внимание било посветувано за активностите на емиграцијата, каде што најпознат е случајот со таканаречениот дисидент Драган Богданоски. Таа полициска листа е долга и речиси обелоденета. Помалку се зборува за прислушувањето на пријателите на комунизмот и социјализмот, односно на самите истакнати комунисти, кои се плашеле еден од друг. А и тој список не е мал.

Постапките од тој период како да останаа во наследство и по осамостојувањето на Македонија. И денес некои телефони испуштаат непознати шумови.

На мапата на која е претставен степенот на шпионажата во светот се покажува дека и кај Македонија е забележан висок степен на следење и шпионирање на дигиталните податоци. Иако е претерано Скопје да се споредува со Казабланка или Истанбул од некои времиња, сепак не се исклучува неговото значење во светот на шпионажата. Тешко ќе се разбере која амбасада во Скопје прислушува друга амбасада, кои амбасади се цел на македонските разузнавачки служби, и обратно кои надворешни служби ги слушаат нашите домашни служби, кој ја слуша Владата, а кој ги прислушува партиите. А сето тоа се случува, и на сите им е познато.

Познат е фактот дека Никола Груевски за илјадниците прислушувани разговори ги обвинуваше странските тајни служби со жолтите комбиња, кои час беа британски, час германски, час италијански. Не беа споменувани Американците затоа што нема потреба: ним плејадата доушници разместени во власта и во партиите им ги доставуваат сите податоци во истата секунда кога ќе се чујат. Во најновиот случај со наводните шегаџии што го наседнаа претседателот на Владата се споменуваат или наѕираат руските служби. Ако е точно тоа, може да се заклучи дека се отвора нов фронт на прислушувањето.

Не била туку-така измислена поговорката „и ѕидовите имаат уши“. Од уши в уши, од уста на уста и така падна Владата.

[email protected]