Фото: Игор Бансколиев

Бивш функционер на ЦИА со вознемирувачка политичко-безбедносна процена за Балканот

Поранешниот шеф на ЦИА за Балканот, Стивен Маер, во својата изјава пред јавноста, отворено и јасно го подвлече својот став дека „Владата на Соединетите Американски Држави и американските политичари навистина не ги разбираат проблемите на Балканот“, односно „длабочината и важноста на етничката димензија“ на овие простори. Во тој контекст, поранешниот функционер на ЦИА за Македонија вели дека нашата земја е „исклучително тешко прашање“, а за источните делови на државава „ќе биде тешко ако не станат делови на една поголема држава“. Пораката што ја лансира поранешниот висок авторитет на ЦИА, заедно со моментот на дадената изјава, дава исклучителна специфична тежина на изјавеното

Македонија и Србија би можеле да формираат идна федерација слично на претходната заедничка држава со Црна Гора и истовремено постои можност источните делови од нашата земјата да му припаднат на Белград во процесот за формирање голема Србија, за трајно решавање на косовскиот проблем. Тоа се дел од пораките и можните алтернативи што биле презентирани во јавноста, како можни опции од страна на поранешниот заменик-шеф на ЦИА за Балканот, Стивен Маер.

Некогашниот висок функционер од САД во своето излагање во јавноста тврди дека македонското прашање е комплицирано и за него треба да се разгледаат повеќе инволвираните посебни интереси.

– Во тој процес источните делови на Македонија е тешко да се спречи во иднина да не станат дел од голема Србија – вели Маер.

Американскиот разузнавач им порачува на властите во Белград, во правец на трајно решавање на спорот со Приштина, да се обидат да извршат територијални промени во Косово и во тој процес да ги отворат прашањата за Република Српска во Босна, Прешевската Долина и Македонија.
Маер во својот разговор со новинарите подвлекува дека властите во Соединетите Американски Држави не ги разбираат тукашните проблеми и истакнува дека најбитната работа што е промашена, а се чувствува во ЦИА е „длабочината и важноста на етничките димензии“.

– Тие работат по формулата „тоа е – што е“, а таа формула очигледно не функционира – рекол поранешниот разузнавач.

Политичките аналитичари во земјата коментираат дека пораката што ја лансира поранешниот висок авторитет на ЦИА, заедно со моментот на дадената изјава, дава исклучителна специфична тежина на изјавеното. Можеби на прв поглед, сето она што го говори поранешниот американски разузнавач не кореспондира со реалната политика на меѓународната заедница во Балканот. Но од кујната од каде што се разгледувани, па и пласирани во јавноста тие опции за Балканот, може сѐ да произлезе, па дури и решенија што во моментов имаат нереални основи, но се мотивирани од стратегиски и долгорочни цели на глобалните сили.

Аналитичарот Јове Кекеновски ги карактеризира излагањата на американскиот разузнавач Стивен Маер како пропаганда на Балканот, која е во корист на Србија.
Според Кекеновски, повеќе од јасно е дека властите во Белград, од за нив познати причини, промовираат вакви идеи, кои немаат никаква реална основа. Тоа, според Кекеновски, е најверојатно за да се изврши индиректно влијание врз САД и ЕУ кон нивните политики врз Македонија.

Тој верува дека во конкретниот случај станува збор за дневна политика, која има цел да придобие политички поени во српската јавност, но и да се обиде да се меша во дејствувањето на меѓународната заедница.

– Мислам дека конкретните тези што се промовираат во овие изјави немаат никаква реална основа, а Србите на овој начин ги презентираат своите интереси преку тамошните медиуми бидејќи со нив сакаат да си дадат значење во формирањето на политиката во регионот, а тоа најчесто го вршат преку нивните удбашки структури, кои преку медиумите ја буткаат за промовирање на српските интереси – заклучува Кекеновски.


Српскиот претседател Вучиќ не ја оспори тезата на Стивен Маер

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој гостуваше во утринската програма на РТС, неделава ја коментираше изјавата на поранешниот шеф на ЦИА за Балканот, Стивен Маер, кој рече дека Србите и Албанците треба да се договорат како најдобро знаат и умеат.
– Ако нè оставеа сами, најверојатно ќе се договоревме. Сепак, Косово, исто како и Југославија, не е само прашање актуелно за луѓето што живеат на таа територија – рече српскиот претседател.

Фото: Игор Бансколиев