Европска стигматизација на Балканот

И доколку „Балкан“ не е „западен мит“, сигурно Западот многу придонесува за стигматизацијата. И таа стигма влијае врз земјите и луѓето на Балканот

Минатонеделната изјава на францускиот претседател Макрон, по ЕУ-самитот, дека за тешкотиите во ЕУ-договарањето се виновни Балканот и проширувањето е уште еден придонес во европската стигматизацијата на Балканот. Да, зборот „Балкан“ често функционира како стигма и исклучување. И историски (Балканските војни), а и современо со крвопролевањето за време на војните во поранешна Југославија, се води расправа за „Балкан“ и наводна балканска култура. Прво „Балкан“, а подоцна со придавката „западен“, или „Западен Балкан“ станаа заеднички именител за земјите од Југоисточна Европа, кои не се членки на ЕУ. Така, во најблаг случај „Балкан“ е синоним за нечленка на ЕУ. Со тоа членството во ЕУ одредува дали земјата е „европска“ или „(Западен) Балкан“. Видливи се напорите, на пример, на Словенија, иако географски е Балкан, да се претставува како централноевропска земја. Во полош случај „Балкан“ е синоним за етнички конфликт и крвопролевање, а во поново време надграден со корупција и организиран криминал. Постои и термин „балканизација“ за процес на фрагментација и поделби на регион или држава во помали држави и региони, кои често не соработуваат и се непријатели меѓу себе.

Дебатата се одвива и во стручни и научни кругови. Наспроти авторите што говорат за „Балканот“, други автори тврдат дека Западот „не го разбира“, „го конструира“ и „стигматизира“ Балканот, односно „Балкан“ е „западен мит“. Други ќе контрааргументираат дека прашањето е подлабоко и станува збор за судир на географија и историја. Повеќе за ова дебата во друга пригода.
Тука, на примерот од погоре (за изјавата на Макрон) и слични примери ако „Балкан“ не е започнат како „западен мит“, тогаш Западот систематски го надградува и засилува. Од последниот пример. Во „Балканот виновен за тешкотиите во ЕУ-договарањето“ коментирав како Макрон вината за тешкотиите во ЕУ-договарањето ја гледа во Балканот и проширувањето, а излезот е во запирањето на проширувањето. А во тие тешкотии во ЕУ-договарањето свој посебен придонес има Макрон, кој сака да ја прекине долгогодишната доминација на ЕПП, и со тоа ја отвора дебатата и преговорите меѓу разните идеолошки (народни, социјалдемократи, либерали, зелени) и национални интереси, како и блоковите за продлабочување (федералисти) и тие против (суверенисти). А сите овие поделби постоеле и кога ЕУ се состоела од само 12 членки.

Говорејќи за Макрон, се потсетив како за војната во Ирак, тогашниот француски претседател ги нападна Бугарија и Романија за поддршката на САД во војната. Во тоа време бев на конференција во Германија, и јас бев прашан за македонската поддршка на срамниот сојуз на САД. Мојот одговор е да Македонија ја поддржува војната, и е многу лесно да ја осудиш, како што францускиот претседател ги осуди Бугарија и Романија. Лесно е да осудиш послаби од себе, особено земји од Балканот. Во тогашниот срамен сојуз учествува и Холандија, и Шпанија и Велика Британија, земји со чии лидери францускиот претседател соработува. И да, тој нема да ги осуди Холандија и Шпанија, тоа носи поголема политичка цена, кога може без последици да ѝ се истури на Бугарија.

Уште еден пример дека ако „Балкан“ не е создаден од Западот, тогаш е проширен и надграден од Западот. Од истото време на војната во Ирак, може да се извлече паралела како Западот, медиумите, политичарите говореа за двете војни, таа во Ирак и таа во Косово. Војната во Ирак, Буш ја нарече „војна за слобода“, како што се впрочем повеќето војни што ги започнува САД. Како ја нарекоа војната критичарите од Европа (и САД), ја нарекоа „војна за нафта“, на основа на тоа дека сите војни се водат за одреден интерес (економски, материјален). Но никој на светот не ја нарече војната во Ирак како „арапско-англоамерикански племенски судир“.

За разлика од тоа, војната во Косово беше етнички конфликт или „српско-албански етнички или племенски судир“. Целата вина беше во балканските раскарани етнички групи и племиња и нивната крвожедност, кои никој во фината Европа не може да ги разбере. Никој ама никој не ја нарече војната „војна за лигнит“. Косово, според различни извори, има резерви од 14 милијарди тони лигнит (јаглен), и е на високото 5-то место во светот, веднаш по Русија, Австралија, Германија и САД. Комбинираните резерви на Косово (Обилиќ) и Србија (Колубара) се уште позначајни. Ако војната во Ирак е „војна за нафта“, зошто војната во Косово не е „војна за лигнит“? Или зошто никој не ја именува како пркос и војна на големите сили. Како што многумина што го употребуваат терминот „балканизација“, испуштаат дека тоа е геополитички термин и дека е резултат на надворешни сили, односно на големите сили.

И доколку „Балкан“ не е „западен мит“, сигурно Западот многу придонесува за стигматизацијата. И таа стигма влијае врз земјите и луѓето на Балканот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Балкан #ЕУ