Скулптурата, која најверојатно била изработена во 2-3 век од н.е., е зачувана во височина од околу 50 см. Откриена е во секундарен контекст, односно во остатоците од срушен ѕид од куќа од 6 век, каде што била употребена како градежен материјал, практика во тоа време на подем на христијанството

Минатата недела на археолошкиот локалитет Стоби била откриена мермерна скулптура со претстава на богот Дионис. Ова исклучителното откритие е резултат на археолошките истражувања во рамките на летната интернационална школа за теренска археологија.

– Скулптурата, која најверојатно била изработена во 2-3 век од н.е., е зачувана во височина од околу 50 см. Откриена е во секундарен контекст, односно во остатоците од срушен ѕид од куќа од 6 век, каде што била употребена како градежен материјал.

Токму поради тоа недостигаат главата, десната рака и постаментот со стапалата. Со оглед на тоа што во 6 век христијанството е доминантната религија, чест е случајот на уништување и употреба на скулптурите на паганските божества од претходните векови како градежен материјал – вели Затко Кованцалиев, виш кустос за римски период при НУ „Стоби“.

Новооткриената скулптура го претставува богот на виното, плодноста, театарот и религиозната екстаза потпрен на стебло обвиено со винова лоза, од која висат гроздови.

– Дионис е полугол, со наметка околу неговото лево рамо и долната половина од телото. До неговата лева нога е претставен пантер, кој е еден од неговите главни симболи, покрај виновата лоза, бршленот, тирсот (специфичен стап со врв од шишaрка) и кантаросот (пехарот) со вино. Инаку, ова не е прва мермерна скулптура на Дионис во Стоби. И во минатото се откриени една цела претстава, две глави и една рака. Сепак, ова е прва скулптура на Дионис од овој тип на локалитетот и нејзиното значење во поширок археолошки контекст ќе биде прецизно утврдено со понатамошните анализи – додава Кованцалиев, кој е и раководител на истражувањата.

Интернационалната школа за археологија во Стоби се одржува десетта година по ред и е резултат на соработката на националната установа „Стоби“ со фондацијата „Балканско наследство“ од Бугарија. Оваа сезона во школата учествуваат 17 студенти и волонтери од САД, Канада, Кина, Шведска, Ел Салвадор и Австралија. Во стручниот тим од археолози што ги реализира истражувањата, покрај Златко Кованцалиев, се и Јован Радњански и Гоце Павловски.