Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган од членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина побарал од властите на оваа земја да бидат испорачани сите турски државјани, кои Анкара ги обвинува дека биле поврзани со движењето што стои зад неуспешниот пуч во 2016 година, чиј основач е Фетулах Ѓулен, пренесуваат медиумите во Сараево.

– Лично ќе се заложам да го решиме тој проблем – било ветувањето на актуелниот претседател на тричленото претседателство, Милорад Додик. Бошњачкиот член Шефик Џаферовиќ нагласил дека БиХ нема да дозволи односите со Турција на бидат загрозени и сѐ ќе се реши во согласност со важечките законски прописи во двете земји.

Меѓутоа, Ердоган не бил задоволен од ваквите одговори, затоа што слични ветувања добил од претходната средба со Џаферовиќ и со Додик. Порталот „Журнал“, кој објави детали од средбата на претседателско ниво, информира дека турските власти минатиот месец го доставиле списокот на нивните државјани што живеат во БиХ, а кои имаат неважечки пасоши. На овој список се главно бизнисмени што соработуваат со БиХ, а некои биле ангажирани на еден универзитет во Сараево, за кои Анкара смета дека дејствуваат во организацијата на Ѓулен.

Од Министерството за безбедност на БиХ, потврдуваат дека им бил доставен список на ѓуленистите, но нагласуваат дека одлуката за нивната евентуална депортација не била донесена.

Во меѓувреме, Ердоган го засилил притисокот на претседателот на Партијата за демократска акција (СДА) Бакир Изетбеговиќ, од кого се бара да се затворат институциите во БиХ за кои се смета дека се блиски до движењето на Фетулах Ѓулен, кој се наоѓа во доброволен егзил во САД.

Според тврдењето на извор на весникот „Аваз“, турскиот претседател нагласил дека неиспорачувањето на турските државјани ќе ги наруши односите меѓу двете земји. Забелешката на Милорад Додик е дека може да се разговара за сите теми но обврската ја префрлил на Шефик Џаферовиќ, кој бил „поинформиран“. Бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, објаснил дека ова прашање треба да се решава во согласност со законот, објави „Аваз“.