Фото: Игор Бансколиев

Оди ли доделувањето на концесијата за Охридско Езеро по однапред напишано сценарио

По откривање повеќе индикатори за недоследности, незаконитости, дури и индиции за злоупотреба при постапката за доделување на концесијата за Охридско Езеро, каде што засегната страна е Министерството за земјоделство преку Комисијата за доделување на концесијата, со свој писмен став се огласи и споменатото министерство. Дали одговорот на МЗШВ во целост го задоволува принципот на транспарентност или со одговорите се продлабочуваат нејаснотиите и постапките на комисијата? На повидок ли се елементи за кои би требало да се изјаснат органите надлежни за прогон?

Во врска со доделувањето на концесијата за вршење стопански риболов на риболовното подрачје Охридско Езеро, истражувачки тим на „Нова Македонија“ дојде до низа информации од јавен интерес, поткрепени со повеќе документи, од кои се добива впечаток дека се направени прекршувања на законски утврдени процедури, недоследност на постапките, фаворизирање субјекти и лица, а можеби и корупција и злоупотреби. Во рамките на такво новинарско истражување, а во врска со вчерашниот напис во нашиот весник со наслов „Кој ја мати водата на Охридско Езеро“, вчера доцна попладне се добиени одговори на нашите прашања од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

– Договорот за давање концесија на риби за вршење стопански односно организирање рекреативен риболов сѐ уште не е потпишан, со оглед на тоа дека сѐ уште трае периодот на можност за поднесување жалби. Инаку, Владата на Република Северна Македонија донесе одлуки за избор на најповолна понуда за доделување концесија на рибите вршење стопански и организирање рекреативен риболов на риболовната вода Охридско Езеро, кои се објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 132 од 28 јуни 2019 година со кои концесијата му се доделува на ЛТДПТУ „Летница Белвица Милорад“ ДООЕЛ увоз извоз Струга. Во согласност со точка 7 од донесените одлуки во име на Владата, Договорот за концесија го потпишува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Фирмата што има негативна референца и ѝ е одземена концесијата има забрана за учество во сите идни постапки за доделување концесија на риби, а се однесува на правното лице и на капитално, управувачки и роднински поврзани фирми, како и на основачите на правното лице што има негативна референца, неговите содружници и членовите на органите на управување, како и поврзаните правни лица и заинтересираната страна во согласност со одредбите од Законот за трговски друштва – велат од МЗШВ. Тие нагласуваат дека во овој случај не станува збор за капитално, управувачки и роднински поврзани фирми.

Според писмениот одговор на МЗШВ, лицето Милорад Чавкоски според тековните состојби на субјектите не е одговорно лице во „Пастрмка 2012“ ДООЕЛ Охрид туку е лице овластено за застапување во подружницата на овој правен субјект. Истото лице е сопственик во субјектот ТДПТ „Летница-Белвица Милорад“ ДООЕЛ увоз-извоз Струга. Со ова лицето Милорад не е основач на правното лице што има негативна референца, ниту содружник и член на органите на управување, а субјектот ТДПТ „Летница-Белвица Милорад“ ДООЕЛ увоз-извоз Струга не е капитално, управувачки и роднински поврзан со фирмата со „Пастрмка 2012“ ДООЕЛ Охрид. Исто така, од МЗШВ дополнуваат дека концесиите за вршење стопански риболов и организирање рекреативен риболов на риболовната вода Охридско Езеро на правното лице „Пастрмка 2012“ ДООЕЛ – Охрид престанала да важи со донесените одлуки за еднострано раскинување на Договорот за давање концесија на риби донесени од Владата на Република Северна Македонија, а поради неисполнување на одредбите од договорот (неплаќање концесиски надоместок и нереализирана обврска за порибување) врз основа на констатирана состојба од Државниот инспекторат за земјоделство.

Но од писмениот одговор на Министерството за земјоделство (МЗШВ) не може засега да се препознаат аргументирани одговори во врска со тоа како за субјектот за кој тие го изработиле Договорот за концесија (сѐ уште непотпишан), при тендерската постапка, не се обезбедени биланс на состојба и биланс на успех за последните три години, што е кондицио сине ква нон или, услов без кој не се може законски да се оди на тендер?!

Или, пак, во делот од рибочуварската служба каде што и самото Министерство за земјоделство во својот одговор пишува дека „рибочуварската служба за заштита на рибите треба да има најмалку 14 рибочувари и тоа за заштита на риболовното подрачје Охридско Езеро најмалку 12 рибочувари и за заштита на рибите од рекреативната зона Охридско Езеро најмалку двајца рибочувари“, а самите констатирале дека истиот субјект има само пет рибочувари, со што не ја исполнува квотата за доделување концесија за стопански риболов!?

Во контекст на доделувањето на концесијата за стопанисување со Охридско Езеро постојат и многу повеќе индикатори, кои фрлаат сенка на повеќе засегнати страни, инволвирани во случајот со концесиите за рекреативен и стопански риболов на риболовното подрачје на Охридско Езеро, но за тоа треба да се вклучат и други надлежни институции, кои по службена должност ќе истражуваат дали има елементи на криминал, злоупотреба, корупција и низа други дејства спротивни на пропишаните закони.

Истражувањето имаше цел да фрли една нова светлина на функционирањето на администрацијата, во смисла на одговорност кон јавноста и јавниот интерес и да обрне внимание на евентуално ретроградни појави и тенденции, кои имаат потенцијал да го компромитираат владеењето на правото во нашата држава. Е.Н.М.