Нови рочишта за случаите „Траекторија“ и „Тендери“ на СЈО денеска треба да се одржат во Кривичниот суд во Скопје. Случајот „Траекторија” се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети експремиерот Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и екс-директорот на ЈП Државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, тие во 2012 и 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.

Во „Тендери“, пак, првообвинета е ексминистерката за култура Елизабета Канческа Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“.