Морален суд и нов нирнбершки процес (оти тоа е фашизам)

Моралот и Љубовта се двете свети супстанции на човековото битие. Тие се основата на сите големи религиски системи, без исклучок: христијанството, исламот, будизмот, индуизмот. Тие се, ако сакаме, тоа и во архаичните магиски култури. Тие се основа и на космичката хармонија, затоа што произлегуваат од Бог и како такви и на целото постоење на земјата. Се разбира, Љубовта тука е примарна во однос на Моралот, кој извира од неа и го диктира таа. Ако има Љубов, сепроткајувачка, таква каква што ја проповедаше и практикуваше Исус, ќе има и Морал и Етика и сè во природата, од ѕверовите до инсектите и тревата ќе биде, како што вели Толстој, „божја твар“ и ништо друго. Меѓу Љубовта и Моралот нема шизма. Затоа не треба да нè збунува кога некој изразувајќи се со едниот од овие два принципа автоматски по дефиниција го сугерира и другиот што е содржан во него. Така е тоа и со Кант, кога во својот познат афоризам-епитаф вели: „Ѕвезденото небо над мене, моралниот закон во мене“, давајќи му на тој начин примат од тој диптихон на елементот што толку многу ќе ѝ биде потребен на суровата либералкапиталистичка Европа по него. Навистина звучи профетски тој негов длабокоумен афоризам изречен во стилот на старозаветните библиски пророци.

Разбирливо е што Кант инсистира на моралот и етиката, како производи и на чистиот рационален ум, нешто што им е воопшто поблиско на филозофите за кои поимот Љубов е вообичаено имплицитен, езотеричен и честопати неразбирлив. Со него повеќе се занимаваат и го сфаќаат главно религиозните филозофи, особено Русите: Мерешковски, Берѓаев, Лоски. За поетите, од антички времиња и средновековните трубадури сè до европската модерна и да не зборуваме. Тие многу подобро го разбираат и побожествено него од теолозите што го оковуваат во догма, а тој е слобода, и честопати го доведуваат во контекст со „грешната“ плот и гревот. Сеедно. Она што е важно, тоа е енергетскиот потенцијал на Убавината и Доброто што го содржат во изобилство во себе Моралот и Љубовта. Но дали тоа го откри и сфаќа човекот на модерната западна либералкапиталистичка цивилизација, кој ја сфати убаво енергијата на парната машина во 19 век, но, за жал, занесен во својот материјалистички практицизам, не ја откри и енергијата на Моралот и Љубовта. Пред сè на Љубовта, која е толку силно енергетска што, како што вели рускиот поет Осип Мандељштам, „ги движи и морето и ѕвездите“. Нешто слично далеку пред него вели и античкиот филозоф и поет Емпедокле, со таа разлика што тој тука, покрај енергијата на Љубовта, ја вклучува, не помала од неа, и енергијата на Омразата, откривајќи го дијалектичкиот динамизам на спротивностите во човековиот психолошки и воопшто космички механизам. На единството на спротивностите.

Да. Но каква е ситуацијата во светот денес, особено во западната мефистофелска цивилизација, драг читателу? Од тие две енергетски моќни струи со космичка димензија за кои зборува Емпедокле, Љубовта и Омразата, според сè што се случува во неа, а особено според тоа што таа го направи со Македонија и Македонците, во неа остана само елементот Омраза, турбината на која деноноќно работи најсурово, иако софистицирано се заглушува нејзиниот бучеж, во име на банките и материјалниот профит, експлоатирајќи ги без пардон сиромашните народи. Ја нема Љубовта. Таа е страшно дефицитарна во таа бездушна цивилизација. Оти тоа го виде и умниот Гете, па ја извади од фолклорната мувла подзаборавената легенда за продажбата на душата на Фауст на Мефистофел (ѓаволот) за знаење и сетилна наслада, во која е жртва убавата и невина Маргарита. Ако, пак, сега, во контекстот на нашава тема како што е поставена, се послужиме, драг читателу, со механизмот на метафората, ќе видиме дека таа жртва за сетилна и секаква исчашена садистичка наслада на денешниот западен евроамерикански цивилизациски садизам е Македонија. Златната супституција на Фаустовата Маргарита.

И кој е заклучокот тука? Тоа дека во отсуство на Љубов таа цивилизација, со гордо нарцистичко ариевско име Западна, не може да биде друга освен аморална. Безбожна. Француската револуција и енциклопедистите го донесоа во неа просветителството, Логосот на науката, но не и Логосот на Љубовта. А тој многу одамна како штафета, имено, ѝ беше преку апостол Павле нејзе испратен од Македонија. Но таа никогаш не го препозна и усвои него. Резултат на тоа е нејзиниот „еднодимензионален човек“ (Маркузе), роб на безмилосното либералкапиталистичко потрошувачко општество што ја исфрли на маргини културата, таа што го интегрира и брани од шизофренија и секакво распаѓање битието на човекот. Ингениозниот Ниче го виде и го дијагностицира тој тумор на западниот цивилизациски организам во морална и етичка атрофија со она: „Бог е мртов“. Лакомиот материјалистички, позитивистички Запад, наместо сликата на Богочовекот, по примерот на Христос, во себе ја издигна сликата на Човекобогот, како што убаво вели Мерешковски, сликата на Натчовекот (пак Ничеов термин) или на Бог-Ѕвер, како што го сфаќа него тој. Западот апсолутно ја злоупотреби максимата на Протагора „Човекот е мерка на сѐ“, без притоа и да се сети на контрамаксимата на Платон: „Бог е мерка на сè“. А и двете тие максими прават синтеза, што е најисправно, во која Бог и Човекот се во рамнотежа, се проткајуваат и соработуваат.

Ова напред е во некоја рака прелегомена, филозофскиот дел на нашата денешна колумна, драг читателу. Малку предолг вовед за нејзиниот конкретен дел. Како што го сугерира ин медиас рес и нејзиниот наслов: „Морален суд и нов нирнбершки процес“, а се однесува јасно на Западот, кој од денешен аспект, само во погруби контури, го покажа својот ѕверски лик во 19 век, за целосно да го открие во сатанистичка светлина во 20 век, најмногу во двете крвави светски војни што ги предизвика тој. Но и по нив тој не се опамети и не извлече никаква морална поука. Хе го извлече и стави на својот цивилизациски прстен дијамантот на Љубовта од тие две страшни катастрофи. И наместо онтолошкиот божествен елемент Љубов, тој го извади на површина од својот материјалистички банкарски сеф поимот „демократија“. Поимот со кој тој манипулира многу поуспешно отколку што тоа го прават теолозите со учењето и филозофијата на Исус Христос. Со него тој бомбардира редица невини народи и земји за да им ги украде материјалните ресурси, а тој е прелегомена и за новиот светски поредок, како што го замислува оваа сатанистичка цивилизација, со име Глобализам. А всушност станува збор за воспоставување на новиот светски поредок, за новото планетарно робовладетелство на западните евроамерикански банки и корпорации за кои, како што го предвиде тоа пророчки Кочо Рацин, сиромасите, понижените и навредените „за туѓи бели дворови“ ќе си копаат „црни гробови“.

Ударот на западниот „демократски“ и глобалистички чекан по Африка, Јужна Америка, Австралија и некои региони на Азија сега, пак, драг читателу, со силен разурнувачки тресок се спушти и врз темето на Македонците. Се спушти, тресна на најгруб фашистички начин со нашата идентитетска силеџиска ликвидација под перфидниот претекс на прогрес и вклопување во ритамот на ЕУ-цивилизацијата на неспособните бриселски политидиоти, кои всушност ја доуништуваат Европа, пред сè идеалите на Француската револуција, енциклопедистите и просветителството, кое иако атеистичко ја имаше визијата за социјална и демократска правда. Но од таа визија, ни теориски ни практично, нема ништо во политбирократска бриселска ЕУ, која е импотентен пион на жестоката, уривачка Американска империја, пожестока и од Римската чија наследничка е, бидејќи, за разлика од Римјаните, таа целата планета ја претвори во крвав гладијаторски колосеум за свој ќеф и материјален профит. Тотално цивилизациско варварство. Да. Е, во тоа варварство тешко настрада, како што знаеш, драг читателу, покрај Сирија, Либија, Ирак, Авганистан, Јемен, Виетнам, Србија, Босна, и Македонија. Поточно, и Македонците. Врз нив е извршен идентитетски холокауст. Смрт на еден колектив, како што мислат и сите антрополози, пострашна од физичката, во која не може докрај да се дотамани едно племе. Тоа го покажува случајот со Евреите што сакаше до еден да ги уништи европскиот Хитлер, но не успеа. Тие што се спасија од западниот антисемитизам ја реализираа филозофијата на ционизмот. Ја основаа еврејската држава Израел, моќна и отпорна на предизвиците. Аналогно на нив е и западното посегање по нас со смртоносниот по Македонците европски Букурешки договор 1913. Исто така нацистички. Фашистички. Но со многу големи жртви, како Евреите, и ние се извлековме од него со величествениот проект на АСНОМ, македонската држава и државност, посебно целосно самостојна востоличена 1990 година. Но оттогаш почнаа веднаш Танталовите македонски маки и нашата каква-таква борба со цивилизациското варварство на Западот. Со силеџиското преименување, тој Запад буквално нè закла како колектив. Всушност тој својот крвав меч го спушти врз нашиот колективен идентитет и културно-цивилизациска меморија, за да ни забрани на тој начин пристап кон неа и истата таа да ја раздаде на околните балкански хиени. Но она што е срамно и трагично во целата оваа ситуација, тоа е учеството на Македонците-квислинзи во тој идентитетски погром над нас: премиерот Заев и неговиот министер Димитров, целата влада и предавниците во парламентот. Особено и оние осумтемина подлизурковци што му ставија конечен печат на тој фашистички холокауст врз Македонците, јас би рекол, според некои културно-цивилизациски изохипски и во срцето на Европа.

Да. И еве сега сме, драг читателу, ин медиас рес во главното прашање: кој суд ќе им суди на злосторниците, странски и домашни, за ова цивилизациско злосторство над Македонците. Сигурно не, се сложуваш со мене, судот на Кацарска, Рускоска и на онаа монументална Катица. Тие и не чуле за него. За тоа терористичко, фашистичко злосторство треба да се основа меѓународен или за почеток домашен морален суд од морални и праведни луѓе. Нешто слично на познатиот Раселов суд на доблесниот и сјаен англиски филозоф и хуманист Бертран Расел и Словенецот Владимир Дедиер, кои сфатија, како и ние со тебе драг читателу, дека во западната цивилизација злото е поголемо, многу поголемо од доброто. Тие во својата документација на правдата го нотираа и европскиот и балкански егзодус врз Македонците присутен и денес, дури со идентитетскиот геноцид и во многу пострашна форма и размер.

Не многу долго по Втората светска војна, Европа сепак најде морална доблест да го основа судот за воени злосторства во Нирнберг за да ги суди своите злосторници, главно за геноцидот во европските цивилизациски гасни комори врз Евреите, за што голема заслуга има и упорниот Евреин Визентал. Но многу кратко траеше моралната совест на Европа. Вавилонската дама бргу заборави на неа. Денес, пак, со случајот Македонија и Македонци можеме да кажеме дека таа свест е целосно отсутна кај неа. Со идентитетскиот геноцид врз Македонците таа силно ги обнови сенките на Третиот рајх, на фашизмот. Не знам дали беше свесна за тоа Ангела Меркел кога толку многу притискаше за да се оствари македонската ликвидација, но, секако, со тоа низ нејзината крв, макар и потсвесно, проструи фашизоидниот ген на германскиот фирер од втората голема европска и светска катастрофа од минатиот век.

Затоа е потребен, бидејќи за инаков сè уште нема услови, основање морален суд што ќе ги обвини новите пофашизени европски, но и домашни злосторници кај нас на чело со Заев и Димитров за идентитетскиот геноцид врз Македонците, искористени со смрт во франкештајновската лабораторија на Западот за потребите на западниот банкарски и корпорациски проект на глобализмот. Можеби треба со тој суд да се почне локално од Македонија и потоа нему да му се даде универзална димензија. Веројатно така и ќе биде. Од мене до следната наша средба поздрав, драг читателу.