Издавачката куќа „Готен“ во рамките на резиденцијалната програма за писатели и преведувачи „Апсолутно модерен“ организира книжевен разговор со писателот од Бугарија, Александар Шпатов. Разговорот ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во книжарницата „Антолог“ во Скопје. Водител на разговорот ќе биде Владимир Јанковски.

Александар Шпатов (33) е бугарски писател, посветен главно на краткиот расказ. Автор е на четири збирки раскази: „Лајв фром Софиа“(2014, објавена и на англиски јазик), „Календар на приказни“ (2011), „Приказни во фуснота“ (2008, објавена и на германски јазик), „Фусноти“ (2005). Во 2015 година излегува збирката „Волјум 2.0“, која е обновено реиздание на претходно наведените три збирки раскази. Добитник е на националната награда за најдобра дебитантска проза (2005) и на наградата за литература на Софија (2015). Шпатов е претседател на Здружението на градски читалници од Софија. Има дипломирано на Факултетот за правни науки при Универзитетот во Софија, каде што е и докторанд по теорија на читање.