Македонската пијанистка Даница Стојанова денеска ќе настапи во Рим, во рамките на најголемиот национален фестивал во организација на концертната агенција „Ил темпието“.

– Минатата година настапив во театарот „Марчело“ во божествена атмосфера, имаше посетеност и организаторот беше задоволен од мојот настап, па добив втор датум. Ќе настапам со дела од железниот класичен репертоар на Медтнер, Шопен како и дела од современите Зографски и италијанскиот композитор Миренци – вели Стојанова.

Даница Стојанова ги завршува своите студии и магистрира на ФМУ во Скопје. Активно учествува на интернационалните музички академии по пијано во Белгија, Русија, Бугарија, Мароко, Германија, Холандија и работи со светски познатите педагози како Жени Захариева, Акил дел Вињ, Жак Рувие, Људмила Рошчина, Хериберт Кох. Таа денес е еден од најреномираните професори по пијано и камерна музика во средното училиште „И.Н.Луј“ каде што постигнува високи резултати со своите ученици на државната и меѓународната сцена. Од 2016 година е почесен член на фондацијата „Томислав Зографски“. Годинава по повод 85 години од раѓањето на композиторот професор Томислав Зографски доби специјално признание од фондацијата за посветеноста на музиката и уметноста и големиот број концерти низ светот, за промоција на творештвото на Зографски и македонското музичко творештво.