Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска на штотуку завршениот 15. Филмски фестивал Евроазија во Казахстан ја освои наградата за најдобро сценарио за сценаристите на филмот Елма Татарагиќ и Теона Стругар-Митевска.

– Во конкуренција со победникот од Кан, корејскиот „Паразит“ и други врвни филмски остварувања, со уште едно признание „Петрунија“ дефинитивно се наметнува како еден од најуспешните филмови оваа година – велат од продукцијата „Сестри и брат Митевски“.

Месецов филмот ќе биде прикажан на седум фестивали, а ќе започне и кинодистрибуцијата во Кина. Јулската турнеја почна со фестивалот во Казахстан, а продолжува со филмскиот фестивал во Ереван, каде што исто така е во главната конкуренција. Следната недела филмот ќе биде претставен пред хрватската публика на двата најпрестижни фестивали во Хрватска – Пулскиот филмски фестивал и „Мотовун“. Потоа австралискиот дистрибутер го носи филмот во Нов Зеланд на претпремиерно прикажување. „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ја има привилегијата да биде филм на затворање во Украина на Филмскиот фестивал во Одеса.

– Филмот за половина година ја обиколи планетата, веќе доби шест награди и ќе биде дистрибуиран во над 35 земји низ целиот свет. Во моментов сѐ уште се прикажува во киносалите низ Франција и Швајцарија, веќе дванаесетта недела, а е прикажан и на триесетина фестивали – информира продукцијата.