Фото: Архива

Обезбедивме постојана контрола на животната средина пред и за време на вежбата „Одлучен удар“ на Криволак, а истражувањата покажаа дека не се предизвикани никакви штетни последици, изјави вчера министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која го посети воениот полигон заедно со министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ.

– Заедно со универзитетот „Гоце Делчев“ и Институтот за јавно здравје, пред почетокот и во текот на вежбата обезбедивме постојана контрола на животната средина. Резимето на двете истражувања покажува дека не сме предизвикале штетни последици по здравјето на луѓето и по природата и тоа ќе ни стане стандард. И во рамките на Криволак ќе обезбедиме постојани мерења, со што точно ќе знаеме каков е ефектот што го имаат вежбите врз животната средина – нагласи министерката.
Дополнително, како резултат на оваа вежба, направени се две подобрувања и унапредувања на работата на полигонот Криволак.

– Првата се состои во реконструкција на железничката инфраструктура на Криволак, која е изработена пред многу години од бившата држава и бившата армија и која до денес воопшто не е реновирана. Затоа беше невозможно транспортот да го вршиме по железнички пат. Во соработка со нашите претпријатија за железнички сообраќај, успеавме да го реновиравме кракот на железничката пруга што доаѓа до Криволак и на тој начин да овозможиме најголемиот дел од транспортот во иднина да го реализираме преку железница, а не преку патната инфраструктура. Тоа е добро за армијата, бидејќи сме поефикасни, меѓутоа тоа е добро и за државата, бидејќи ја ослободуваме државата од потребата да се користи патната инфраструктура за вакво вооружување. И најголемиот дел од возилата по завршување на вежбата ќе замине по железнички пат – објасни министерката.

Дејан Мираковски, професор и раководител на лабораторијата во универзитетот „Гоце Делчев“, информира дека во рамките на соработката со МО и МЖСПП, лабораторијата на АМБИКОМ постави т.н. периметарски мониторинг на три локации во зоната на Криволак.

– Мониторингот беше перманентен од 30 мај, заклучно со 30 јуни. Се мереа во реално време концентрациите на суспендирани цврсти честички во 24 часа. Генерално по периметарот, ниту еден од резултатите не ги надмина дозволените норми за 24-часовна вредност. Во просек се движеа од 20 до 30 микрограми на кубен метар. Истовремено, на една од локациите во кампот на војницата беше поставен и гравиметарски семплер, кој служеше да го провериме хемискиот состав на прашината.

Беа анализирани сите неоргански елементи. Значи, типична прашина соодветно на геолошкото потекло на подлогата во зоната на Криволак. Ниту еден тежок метал не е надвор од дозволеното, а некаде и ги нема – соопшти Мираковски.

Запрашан од што беше чадот за кој имаше реакции во јавноста, тој рече дека инструментите биле повлечени на 30 јуни, а чадот бил на 1 јули.
Вежбата „Одлучен удар“ започна на 5 јуни, а завршува денеска. Вклучува над 2.700 припадници од вооружените сили на шест држави – Македонија, САД, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Литванија.

Министрите Шекеринска и Бошковиќ вчера на Криволак присуствуваа на вежбовна активност – артилериско гаѓање од страна на припадниците на вооружените сили на Црна Гора. П.Р.