Настапот од соништата на 15-годишната Коко Гоф на Вимблдон заврши во четвртото коло, откако поранешната светска тенисерка број 1, Симона Халеп стигна до убедлива 6:3/6:3 победа и пласман во четврт-финалето на турнирот.

15-годишната Американка, која се пласираше на турнирот преку квалификациите ја победи Венус Вилијамс на патот до четвртото коло, но Романката едностасвно беше пресилна за неа. Гоф го загуби првиот сет со 6:3 и повторно загуби брејк на почетокот на вториот сет.

Тинејџерката се врати со брејк по што спаси две меч-топки на свој сервис, пред Халеп да го комплетира триумфот. Следна за Халеп е Кинеската Шуаи Жанг, која со 6:4/1:6/6:2 беше подобра од Украинката Дајана Јастремска.

Серена Вилијамс пак, немаше вакви проблеми и со 6:2/6:2 ја „растури“ Шпанката Карла Суарез Наваро. 37-годишната Американка во ниту еден момент не беше под закана од светската тенисерка број 31. за да победи по час и 5 минути игра и да обезбеди дуел со Елисон Риски, која претходно ја шокираше светската тенисерка број 1, Австралијката Ешли Барти.