Фото: Зоран Антоски

Културно уметничкото друштво „Бисер“ од Кичево, своето прво учество на Меѓународниот фолклорен фестивал во Загреб, кој по деветнаесетти пат се одржува во Хрватската метропола, се врати со две први награди и тоа, прва награда за изворен фолклор и прва награда за костимографија. На овој фестивал учествуваа фолклорни ансамбли од Словачка, Бугарија, Македонија, Косово и земјата домаќин Хрватска или вкупно 8 друштва беа во официјална конкуренција за наградите на овој фестивал.

-Нашето културно уметничко друштво за прв пат зеде учество на деветнаесеттиот Меѓународен фолклорен фестивал во Загреб. Покрај КУД „Бисер“, на овој фестивал зедоа учество и фолклорни друштва од Бугарија, Словачка, Косово и Хрватска. Своето прво учество на овој фестивал го зачинивме со две први награди и тоа, прва награда за изворен фолклор и прва награда за костимографија. Според програмата на фестивалот секој ансамбл имаше време за настап од 12 минути,а во тие минути ние ги презентиравме игрите од нашиот крај, поточно од Копачка, кои наидоа на голем одек кај присутната публика во салата, која со громогласен аплауз и со овации го поздрави нашиот настап. Дека имавме успешна презентација на македонскиот фолклор во Хрватска, зборува и фактот што уште истиот ден ни пристигна понуда од Португалија, каде кон крајот на август би зеле учество на еден голем меѓународен фестивал што традиционално се одржува во оваа земја – истакна Младен Ванчоски, претседател на КУД „Бисер“ Кичево, кој го потенцира големото гостопримство на домаќинот, како и широкоградоста на нашите иселеници во Загреб, кои за цело време им стоеја на располагање.

Инаку кичевското друштво во Загреб имаше четири настапи, од кои три од ревијален карактер и четвртиот во официјална конкуренција. Ванчоски за годинава најави гостување на КУД „Бисер“ во Турција и Србија, покрај погоре споменатото гостување во Португалија.