Џери Вест (81) го потврди статусот на најдобар функционер во историјата на кошаркарската НБА-лига, а можеби и во сите американски професионални спортови, со ангажманот на Каваи Ленард и на Пол Џорџ во Лос Анџелес клиперс, истакнуваат американските медиуми.

Ленард дојде како слободен кошаркар откако стана шампион со Торонто репторс и беше прогласен за најкорисен кошаркар на финалната серија со Голден стејт вориорс, а олстар-кошаркарот Пол Џорџ беше доведен во размена со Оклахома. За две години, Вест успеа да го трансформира составот на Клиперс преку повеќе умешни размени на кошаркари и итри потези, правејќи од составот од Лос Анџелес главен кандидат за освојување на шампионската титула во наредната сезона во НБА.

Вест чија силуета претставува инспирација за НБА-логото, поради што го доби прекарот Господин НБА, е заслужен за некои од најуспешните зделки во најсилната светска кошаркаска лига, работејќи во Лос Анџелес лејкерс, Голден стејт вориорс, а сега и во ЛА клиперс.

Кошаркарската легенда, претходно, учествуваше во создавање на шампионскиот тим на Лос Анџелес лејкерс од 80-те години на минатиот век. Тој го размени Владе Дивац за Коби Брајант во Лејкерс, а го убеди и Шекил О’Нил да потпише со „езерџиите“ во 90-те години. Ја сопре размената Клеј Томпсон – Кевин Лав, додека беше во Голден стејт вориорс, а помогна и во ангажирањето на Кевин Дурент од страна на „воините“.