По тринаесетти пат во Струга и во Охрид се одржа ликовниот камп „Вангел Коџоман“. И овој пат 30 млади ликовни творци од земјава цртаа и сликаа познати и помалку познати мотиви во Струга: старата архитектура во градот, пределите покрај езерото и убавиот Црн Дрим. Беа и во Калишта, Радожда, а се разбира ја посетија и ликовната галерија со дела на познатиот македонски уметник Вангел Коџоман, чие име со гордост го носи оваа ликовна колонија.

Во Охрид младите творци сликаа мотиви од Плаошник, црквата „Св. Софија“, „Св. Канео“, „Св. Наум“, како и уникатните градби на старата охридска архитектура.
При заработката, децата користеа молив, графит и јаглен, а работеа на цртачка хартија, со пастелни бои на сликарска хартија и со акрилни бои на каширан картон и платно.

По завршувањето на ликовната колонија, на 30 јуни, веќе почна да се подготвува изложба од изработените ликовни дела на млади таленти.
Нејзиното отворање ќе биде во почетокот на септември, во изложбениот простор на Кинотеката на Македонија во Скопје.