Кантри-музиката потекнува од традиционалната народна култура на белите доселеници од Европа во новиот континент – Америка. Навидум, со фолкот има исти карактеристики, но, сепак, кантрито има покохерентна форма во текстуална и мелодиска смисла. Тематски била инспирирана од животот на доселениците што се одвивал во новоформираните селски средини во новата татковина, а произлегла од испреплетеноста на неколку музички нишки, од кои најдоминантни се келтската музика и онаа на каубоите. Нејзините корени се во баладите донесени на Источниот брег на САД од ирските и шкотските доселеници, уште од 18 и 19 век. До доцните 1920-ти години, кантри-музиката била позната како стар фолк, каубојска, планинска, апалачи, рурална и вестерн-музика. Поради овој богат микс, таа отсликува богата разновидност на акустични американски народни традиции. Иако започнала како рурална фолк-музика, со текот на времето попримала влијание од џез, свинг, ритам и блуз, на крајот и од рокенролот. Кантри-музиката е музика на народот, во неа се пее за реалниот живот. Овој натуралистички израз произлегува од животните теми, како несовршеноста на секојдневниот живот, брачните проблеми, неверствата, разводите и другите секојдневни животни проблеми. Сето ова на оваа музика ѝ дава впечатлива сентименталност, емотивна тежина и призвук на тага.

Најраните музички записи на кантри-музика ги направиле Ек Робертсон од Тексас со „Sallie Gooden“ (1922 г.) и Филдин Џон Карсон со „The Little Old Log Cabin in the Lane“. Во 1927 година продуцентот Ралф Пјер снимил 19 изведувачи на кантри-музика, издал плоча, која се продала во милионски тиражи. Овој настан се смета за стожер на кантри-музиката. Инаку, срцето на кантри-музиката е радиоемисијата „Гранд ол опри шоуто“ во Нешвил, а ја прославиле локални изведувачи, како Анкл Дејв Мејкон и Бил Монро, кои биле добро запознаени со фолк-традициите од претходниот век, балади и виолински мелодии од Апалачките Планини свирени на бенџо, мандолини, виолини и на акустични гитари. Први најголеми ѕвезди биле Хенк Вилијамс и Џими Роџерс. Првиот со песната „Your Cheatin Heart“, а вториот со „Blue yodel“, кои под големо влијание на блузот го премостиле јазот помеѓу старовремската музика и лесно прифатливиот кантри-звук што почнал да доминира. Вилијамс важи за највлијателен музичар во светот на кантри-музиката и музиката воопшто, секако заедно со Џони Кеш. Триесет и пет негови мелодии се нашле на топ-листите, а 11 од нив се искачиле на првото место: „Iˊm so lonesome I could cry“, „Never Again“, „Lovesick Blues“ и можеби најголемиот негов хит „Colt, Colt Heart“. Неговите песни ги изведувале ѕвезди како Елвис Присли, Боб Дилан, Џони Кеш, Вили Нелсон и др.

Ѕвезда на оваа музика е и Петски Клајн, која имала неверојатен контраалт, глас чист како ѕвоно. Ги испеала хитовите „Shes Got You“, „Crazy Walking After Midnight“, чиј звук бил уверлив и софистициран. Со нив таа станала една од првите хероини на љубовната блуз-песна. За нејзина наследничка ја сметаат мултиталентираната Доли Партон, која, денес, заедно со легендарниот Кени Роџерс, се заштитен знак на „звукот на Нешвил“. Оваа русокоса убавица не само што пее туку свири на голем број музички инструменти, како бенџо, пијано, тапани, и авторка е на голем број хитови што ги изведуваат други пејачи. Сепак моја кантри-хероина е незаменливата Емилу Харис со десетици хитови, од кои број еден е „Together Again“, можеби најдобрата кантри-балада некогаш испеана. Импресивни се и „If This is Goodbye“, дует со мајсторот на гитара Марк Нофлер, „Till I can gain control again“, дует со легендарниот Вили Нелсон, и „Tulsa Queen“, испеана во раната фаза од нејзината долга, плодна и успешна кариера. Можеби убавината на оваа музика најдобро може да се почувствува кога се гледа и слуша „Џони Кеш трибјут“, организиран во центарот „Кенеди“ во 1996 г., кога негови песни исполнуваат Крис Кристоферсон, Емилу Харис, Лајл Ловет и Росеана Кеш, неговата ќерка. Со еднаква убавина за ушите и милина на душата е и настапот на трите грации: Емилу Харис, Линда Ронштат и Доли Партон, кои во 1999 г. на акустична гитара свират, придружени на клавир, и ги пеат најголемите кантри-балади. Можеби поради овие прекрасни балади изведувани од великани, оваа музика со право е наречена блуз на белиот човек од Америка.

Сотир Костов