Лидерот на Нова Демократија Кирјакос Мицотакис и неговата сестра Дора Бакојани

Грчката политичка сцена, слично како други во светот, е проткаена со многу семејни династии. Уште од крајот на воената хунта, на челото на власта во земјата се менуваа неколку политички семејства. И сега, во момент кога партијата Нова демократија се очекува да освои доволно гласови за да креира мнозинство без коалиционен партнер, овие избори се можност за повторно враќање на политичките династии во Грција, пренесува „Политико“.

Кирјакос Мицотакис е член на едно од двете најважни семејства во Нова демократија. Неговиот татко Константинос Мицотакис беше премиер на Грција на почетокот на 1990-тите години. Неговата сестра Дора Бакојани е поранешна министерка за надворешни работи и поранешна градоначалничка на Атина. Нејзиниот син Костас Бакојани ќе стане градоначалник на главниот град во септември.

– Останувањето на власт на политички династии, секако, е поврзано со старомодната структура и организација на грчките политички партии. Тие се уште функцнионираат по принцип на олигархија, се традицонални, недемократски и ексклузивни – изјави Аристидес Хацис, професор по право на Универзитетот во Атина.

Другото важно семејство во Нова демократија е на основачот на партијата Константинос Караманлис, човек кој четири пати беше премиер на Грција. Неговиот внук, Костас Караманлис, беше на власт од 2004 до 2009 година, пред да биде надгласан на изборите за време на должничката криза. Сега како член на парламентот, Костас Караманлис го имаше првиот јавен говор за време на кампања по безмалку една декада.

Кај јужниот сосед има и трето важно семејство во политиката, она на Јоргос Папандреу, кој го наследни Костас Караманлис како премиер и чиј татко и дедо, исто така, служеа неколку мандати во највисоките државни служби на Грција.

И додека некои политички коментатори сакаат да ги поврзуваат грчките политички династии со онаа на Кенеди во САД, почестото гледиште воопшто не е ласкаво. Многу гласачи во Грција ги обвинуваат доминантните политички семејства за создадавање на негативно политичко наследство како и за големата финансиска криза во изминатите години, завршуваат од „Политико“.