Првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ повторно се соочува со силни реакции од јавноста во соседна Србија, овојпат бидејќи го повика прославениот хрватски поранешен тенисер Горан Иванишевиќ во неговиот тренерски тим на третиот овосезонски гранслем-турнир Вимблдон, пренесуваат светските медиуми.

Поголемиот дел таблоидите и порталите кај северниот сосед партнерството на Ѓоковиќ на и поранешниот шампион на Вимблдон од Хрватска го опишаа како скандалозно. Тие сметаат дека сеќавањата на српско-хрватскиот воен конфликт од крајот на 20-тиот век сè уште се свежи, а јавноста во двете земји бурно реагираше.

– Горан доаѓа од Хрватска, јас сум од Србија. Двајцата доаѓаме од земјата што некогаш беше Југославија. Кога бев мал и почнав да гледам тенис, го гледав неговиот меч против Пит Сампрас. Сите во регионот навиваа за него – рече Ѓоковиќ објаснувајќи ја одлуката да го повика Иванишевиќ во неговиот тренерски тим.

Ѓоковиќ се соочи со слични критики од јавноста кога изјави дека ќе навива за Хрватска откако Србија испадна по групите на Светското првенство во Русија минатата година.

Меѓу многуте реакции, се издвои онаа на поранешниот српски кошаркар од НБА-лигата Дарко Миличиќ, кој смета дека ангажманот на Иванишевиќ е навреда за навивачите на Новак од Србија. 

– Секогаш кога покажува изливи на љубов кон Хрватите, треба да мисли на неговите навивачи во Србија кои минаа низ малтретирања, протерувања и загуба на најблиските за време на војната – истакна Миличиќ.

Таблоидите извлекуваа и изјави на Иванишевиќ од времето на војната, кој за „Њујорк тајмс“ наводно рекол дека посакува да има Срби пред него додека вежба гаѓање со митралез.