Отворениот ден на мултикултурализмот, кој го организираат здружението на граѓани „Вредит да си од Кичево“, општината Кичево и центарот за култура „Кочо Рацин“ ќе се одржи утре, по шести пат, во Кичево. Целта на оваа манифестација е зближување на сите етнички групи што живеат во оваа општина и градење меѓусебна доверба. Отворениот ден ќе биде збогатен со предавање за народните носии во Кичевијата, потоа со изложба на народни носии, културно-уметничка програма и дегустација на храна.

– По шести пат, нашето здружение „Вредит да си од Кичево“ го организира Отворениот ден на мултикултурализмот. По предавањето за народните носии на сите националности што живеат во општината Кичево, ќе следува ревија на македонската (брсјачка носија), турската, албанската, ромската, влашката и српската носија. Потоа следува културно-уметничка програма во која сите етнички заедници ќе презентираат дел од своето музичко и драмско културно богатство, типично за кичевскиот крај.

Отворениот ден ќе биде заокружен и со дегустација на храна, традиционална, за сите етникуми што живеат во Кичево, приготвена од членовите на нашето здружение и нивните помагачи – истакна Миле Јовески од здружението „Вредит да си од Кичево“, од каде што апелираат за што помасовно присуство на граѓаните.