„Еден посебен ден“ од славниот италијански режисер Еторе Скола

Прв форум на креативните градови за филм од мрежата на Унеско на темата „Улогата на иновациите и едукацијата во локалниот развој на градовите“ ќе се одржи денеска и утре во општината Битола и во Центарот за култура – Битола. За време на форумот ќе бидат вклучени високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на Унеско: Брадфорд, Лоѓ, Бристол, Галвеј, Рим и Софија, претставник од Брисел, како и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис-секторот, кои работат во креативните индустрии и филм. Форумот го организира Центарот за филм – Битола во насока на зголемување на соработката помеѓу градовите во областа на иновациите и едукацијата.

– Форумот е од исклучителна важност за градот Битола како рамноправен член на креативните градови за филм од мрежата на Унеско од 2015 и еден од 13-те градови што се дел од овој филмски кластер на Унеско, единствен од Македонија и еден од ретките од регионот. Тоа е форум за набљудување на улогата на креативноста како управувач и овозможувач на одржлив урбан развој и платформа за акција и иновации кон интеграција на културата во Програмата за одржлив развој до 2030 година. Форумот е од особено значење за афирмирање на можностите на Битола и воопшто на нашата држава и поврзување и зголемување на соработката со другите градови – велат организаторите.

Форумот има цел да придонесе за ефективен развој и промоција на филмската индустрија преку спроведување целосна процена, подобрување на националните капацитети и организирање промотивни настани во оваа област. Меѓу целите на форумот е да дејствува како единствена платформа, која членовите можат да ги искористат за да ги унапредат своите партнерства и да донесат за нови идеи и соработка.

– Се надеваме дека форумот ќе создаде платформа со која ќе се создаде и кохерентен пристап кон поттикнување и мотивирање на иновациите како фундаментален концепт во рамките на креативните индустрии со кој се развива економијата и се од особено значење за секоја модерна економија, па и за домашната, а во базичната основа на сето тоа е едукацијата, која дава основа за понатамошен развој градејќи нови кадри што ќе можат не само да најдат работа на пазарот на трудот туку да изградат и подобро општество – велат од Центарот за филм – Битола.

Форумот е поделен во два дела: дискусии и презентации и проекции на филмови. Учесници на форумот се Натали Мур, виша филмска соработничка при Градскиот совет на Бристол, Алан Дуган, менаџер на филмскиот центар „Галвеј“, Пјотр Кулеша, раководител при Националниот центар за филмска култура во Лоѓ, Рејчел Ботомли, координаторка на продукција во Брадфорд и др.

Тие ќе ги презентираат активностите на градовите и нивните успешни приказни, како и своите предлог-проекти за соработка, а ќе се одржи и панел-дискусија „Технолошките иновации и едукација во насока на локалниот развој на градовите“. На отворањето ќе биде прикажан реставрираниот филмски класик „Еден посебен ден“ од славниот италијански режисер Еторе Скола. Во рамките на филмската програма на затворањето ќе бидат прикажани три филма, меѓу кои првиот македонски филм во боја „Македонија во слики“ од Арсениј Јовков, како и документарниот филм „Манаки, приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски.