Отфрлениот пакет барем се фокусираше на т.н. систем „водечки кандидат“ и затоа се основаше на имиња што повеќе месеци се дискутираа во Брисел и низ Европа. Спротивно на тоа, набрзина постигнатиот договор, покрај Фон дер Лејен, содржеше повеќе изненадувања – како што е назначувањето на шпанскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел за нов шеф на европската дипломатија, а Кристин Лагард, актуелната директора на ММФ, за претседателка на Европската централна банка, наведува „Политико“

За коалициската политика се потребни време и трпение, но со изборот на германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен за нова шефица на Еврокомисијата, лидерите на Европската Унија се одлучија за брзо решение, а Унијата може да плати голема цена за тоа. Лидерите ја донесоа одлуката во вторникот вечерта, само 48 часта откако првичниот компромисен пакет, предложен од претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, беше отфрлен, без да биде оставен простор за маневар. Отфрлениот пакет барем се фокусираше на т.н. систем „водечки кандидат“ и затоа се основаше на имиња што повеќе месеци се дискутираа во Брисел и низ Европа. Спротивно на тоа, набрзина постигнатиот договор, покрај Фон дер Лејен, содржеше повеќе изненадувања – како што е назначувањето на шпанскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел за нов шеф на европската дипломатија, а Кристин Лагард, актуелната директора на ММФ, за претседателка на Европската централна банка, наведува „Политико“.

Ваквиот избор наиде на лавина негативни и доста критични реакции.
– Тие трчаат по брзо решение. Целиот град сака брзо решение, затоа задржете ја болката, направете ја дел од вас и да знаете, наредната рунда ќе биде уште едно разочарување – изјави висок дипломат на ЕУ.

„Политико“ оценува дека лидерите на ЕУ ја избраа Фон дер Лејен, која не е многу позната во Брисел и во Берлин и се соочува со обвинувања за ненаменско трошење и лошо раководење, не поради нејзините вештини што ќе ги донесе како претседателка на Еврокомисијата, туку поради тоа што исполнува побанален критериум – компензација за Германија и конзервативната Европска народна партија, на кои им беше одбиен нивниот прв избор, односно водечкиот конзервативен кандидат Манфред Вебер.
– Доминација, германска доминација – додава за „Политико“ високиот европски дипломат.

Истовремено, унгарскиот премиер Виктор Орбан беше меѓу најгласните што прогласија победа, фалејќи се дека ги отфрлил Вебер и социјалистичкиот кандидат Франс Тимерманс, кој како потпретседател на Еврокомисијата беше надлежен за почитувањето на владеењето на правото и демократските стандарди. Тимерманс ќе ја добиеше функцијата во согласност со договорот што беше одбиен во неделата.
Но, според „Политико“, очигледните недостатоци на пакетот што беше одобрен завчера најјасно беа илустрирани не од неговите критичари, туку од неговите главни архитекти – Туск и германската канцеларка Ангела Меркел. Туск, брзајќи да ја преземе заслугата за исходот, првенствено ја пофали брзината на одлуката.
– Пред пет години, ни беа потребни три месеци да одлучиме, а и покрај тоа, некои лидери беа против. Оваа година беа потребни три дена и никој не беше против, и покрај тоа што Германија апстинираше од изборот за претседател на комисијата. Совршен родов баланс. Навистина сум среќен за тоа – порача актуелниот претседател на Европскиот совет.

Токму Туск ја постави очигледно невозможната цел за постигнување договор за највисоките функции во ЕУ пред новиот Европски парламент да го избере својот претседател – чекор што би можел да го заглави носењето одлуки во Советот, ако се земе предвид дека со европскиот договор се бара баланс во пополнувањето на највисоките функции, земајќи ги предвид партиската припадност, малите против големи држави, и соодносот помеѓу земјите на релациите исток-запад и север-југ.
Кога станува збор за балансот, не може да се игнорира фактот дека четирите највисоки функции во Унијата завршија кај земји од Западна Европа. А во однос на заобиколувањето на Европарламентот, Туск на својата прес-конференција беше принуден да признае дека договорот за избор на претседател на Советот зависи од изборот на источноевропски социјалдемократ за претседател на парламентот – избор што е надвор од контролата на Советот. Токму од изборот на прв човек за Европарламентот може да зависи и целиот пакет на Советот.

– Постои голем ризик половина од социјалистите да гласаат против и да го торпедираат целиот договор – предупредува висок дипломат на ЕУ, укажувајќи на разочарувањето на социјалистите, кои и покрај освојувањето второ место на евроизборите во мај, не го добија претседателството со Советот, кое се смета втора по важност функција по претседателот на Европската комисија.

Тука е и Меркел, највлијателната национална лидерка во ЕУ, која на крајот апстинираше при гласањето за Фон дер Лејен. Меркел беше спречена од германската Социјалдемократска партија, нејзиниот коалициски партнер во Владата во Берлин, која беше гневна на исходот од преговорите. И додека можеби Меркел не е целосно задоволна, други доста жестоко го критикуваат набрзина постигнатиот договор зад сцената, кому му недостига демократски легитимитет и кој не ги зеде предвид некои од очигледните недостатоци на неколку кандидати. Па, така, на пример, Фон дер Лејен е цел на истрага за ненаменско трошење пари и лошо раководење со германското министерство за одбрана, поврзани со најмувањето надворешни советници.

Истовремено, шпанскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел е изборот за шеф на европската дипломатија, но доаѓа од земја што не го признава Косово поради противењето на Мадрид на сепаратистичките движења, вклучувајќи го она во Каталонија. Како висок претставник за надворешна политика, Борел ќе биде надлежен за дипломатијата на ЕУ на Балканот, вклучувајќи го и дијалогот помеѓу Србија и Косово, кој се одвива под покровителство на Брисел. Кога станува збор за Кристин Лагард, актуелната директорка на ММФ, која е именува за наредна претседателка на Европската централна банка, и таа дома се соочи со обвинувања за лошо работење, вклучувајќи ја и пресудата за немарност.

„Политико“ наведува дека поддржувачите на Меркел и на Макрон едноставно се обидуваат да го оттргнат вниманието од одговорноста на нивните шефови – Меркел за трврдоглавата поддршка на однапред отпишаната кандидатура на Вебер, а Макрон за дволичните ставови што шокираа дури и некои од неговите политички сојузници, како што беше моментот кога објави дека сите водечки кандидати се елиминирани од трката.


Фон дер Лејен има малку, но моќни пријатели во Берлин

Веста дека германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен, која одгледа седум деца и доби медицинска диплома пред да влезе во германската политика, може да стане нова шефица на Еврокомисијата, ги шокира престолнините низ Европа. На прв поглед, 60-годишната министерка изгледа дека ја има совршената форма, политичко педигре и личност за да се справи со најтешката функција на ЕУ. Сепак, се поставува прашањето дали таа навистина е добар избор? Во Германија, како што пренесува „Политико“, одговорот е јасен.
– Фон дер Лејен е нашиот најслаб министер. Очигледно, тоа е доволно за да стане претседателка на Европската комисија – порача Мартин Шулц, бившиот претседател на Европарламентот.
Не само кај непријателите, туку дури и кај поддржувачите, раководењето на Фон дер Лејен со Министерството за одбрана, на чие чело е од 2014 година, се смета за голем неуспех. Покрај проблемите со подготвеноста и опременоста на германската војска, министерството на Фон дер Лејен се соочува со истрага околу сомнителното доделување тендери за надворешни консултанти, вклучувајќи ги и фирмите „Аксентур“ и „Меккинзи“. Таа е цел на критики и за реновирањето бродот за обука на германската морнарица, кое чинеше повеќе од десет пати од првичните проекции. Иако Фон дер Лејен призна дека правела грешки, таа ги игнорираше постојаните барања од опозицијата за нејзина оставка. И додека таа нема многу пријатели во Берлин, оние што ѝ се пријатели имаат големо значење. Фон дер Лејен е блиска со Волфганг Шојбле, влијателниот претседател на германскиот парламент. Повеќе од една деценија, двајцата појадуваа заедно еднаш неделно, традиција што заврши откако Шојбле стана претседател на Бундестагот.
Сепак, нејзин најважен сојузник е Ангела Меркел, која ја имаше поддршката на Фон дер Лејен во најтешките моменти. Меркел ја врати услугата за лојалноста, со тоа што ја остави Фон дер Лејен на функција и покрај големите проблеми во Министерството за одбрана, како и со поддршката за нејзино именување за нова шефица на Еврокомисијата.