Едвард Галагер

„Шивачкиот круг“ е групна порака на апликацијата „Вацап“ која припадници на американските морнарички „фоки“ ја користеле за да разговараат за военото злосторство кое, наводно, го сторил нивниот претпоставен, одликуваниот припадник на специјалната единица, Едвард Галагер (40), кој се соочува со обвинувања за убиство на дете-борец од Исламска држава (ИД) во Ирак, во мај 2017 година, пренесуваат светските медиуми.

Разменетите пораки придонесоа за покренувањето на обвиненија против Галагер, кој во групните разговори бил ословуван под прекарот „ел дијабло“ (што значи ѓавол на шпански – н.з.). 

– Не сум сигурен како да се справиме со него. Но тој е подготвен да се бори и да убие – пишува во една од пораките Кори Скот, сведокот на наводното злосторство и соборец на Галагер од истата единица, кој на судењето истакна дека тој го извршил убиството, а не обвинетиот.

Членот на „шивачкиот клуб“ Крег Милер сведочеше дека видел како Галагер го пробол заробеникот, како и дека го пријавил случајот кај неговиот претпоставен. Адвокатите на Галагер, пак, тврдат дека пораките биле разменувани за да се фрли дамка врз репутацијата на нивниот клиент.

Обвинителството претстави приказ на високообучен борец кој се оттргнал од контрола во текот на неговата осма воена тура, пукајќи кон ирачки цивили и смртно бодејќи дете-борец на ИД за кое се претпоставува дека било на 15-годишна возраст. Во обвинението се наведува и дека Галагер го избодел тинејџерот кој бил донесен на лекување кај „фоките“ во ирачки Мосул, поради повредите здобиени во борбите со ирачката армија во мај 2017 година. Згора, сведоците тврдат оти Галагер без причина го избодел момчето, а потоа и позирал со неговиот труп.

Обвинетиот се соочува со доживотна казна затвор на судењето кое е во тек во Сан Диего, САД. За разлика од судењата во кои се вклучени цивили, воените трибунали постапуваат по обвиненијата од официјални воени лица, во овој случај од претпоставените на Галагер. Судењата се интерни, со порота од воен персонал, а во случајот на Галагер, и со судија од морнарицата. Случајот е специфичен поради сериозноста на обвинувањата против елитен специјалец, како и поради вклученоста на сведоштвото на припадници на единицата „фоки“, која е позната по нејзината поврзаност и затвореност.