Фото: Маја Јаневска-Илиева

На улиците Козле, Васил Ѓорѓов, Јуриј Гагарин, Народен фронт, Крсте Мисирков и многу други, бојата на пешачките премини едвај може да се забележи или речиси ја нема. Сообраќајните експерти велат дека на трајноста на бојата на пешачките премини влијае фреквенцијата на возила, но и квалитетот на бојата што се користи

Ако само еднаш се сврти низ градот, може да се забележи дека голем дел пешачки премини се избледени или ги нема. На улиците Козле, Васил Ѓорѓов, Јуриј Гагарин, Народен фронт, Крсте Мисирков и многу други бојата на пешачките премини едвај може да се забележи или речиси ја нема. Пешаците и возачите научија по сеќавање да ги користат пешачките премини. Сообраќајните експерти велат дека на трајноста на бојата на пешачките премини влијае фреквенцијата на возила, но и квалитетот на бојата што се користи.

Од јавното претпријатие „Улици и патишта“, пак, тврдат дека редовно ја обележуваат хоризонталната сигнализација на фреквентните сообраќајници. Тоа во суштина и се забележува низ градот, главните улици почесто се бележат отколку споредните, и на овие улици бојата е поизразена. За разлика, пак, од нив, на сите други бојата изостанува или едвај се препознава. Но граѓаните и возачите тврдат дека полесно може да се најдат необележани отколку обележани пешачки премини. Не им веруваат на тврдењата на раководителите на „Улици и патишта“ и им препорачуваат да излезат од канцелариите, да прошетаат и да ја видат вистинската состојба.

Несоодветната хоризонтална сигнализација претставува опасност по животот на пешаците, особено ако се земе предвид дека сообраќајни несреќи лесно се случуваат. Токму затоа пешачките премини мора да се добро обележани, за да ги видат возачите оддалеку и да можат навреме да подзапрат.
Од јавното претпријатие „Улици и патишта – Скопје“ информираат дека нивните екипи периодов работат на обновување на хоризонталната сигнализација на фреквентните градски сообраќајници.

– Во согласност со програмата од градот Скопје како наш налогодавец, како и секоја година, така и оваа, редовно ја обележуваме хоризонталната сигнализација на фреквентните сообраќајници. Екипите на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје периодов работат на нејзино обновување. Оваа година претпријатието почна да користи многу поквалитетна боја за обележување во однос на претходната, а од квалитетот зависат и долготрајноста и пролизгувањето. Првпат годинава користиме хоризонтална ладна пластика за обележување на пешачките и надолжните линии – велат од ЈП „Улици и патишта“.

Според сообраќајните експерти, трајноста на хоризонталната сигнализација зависи од повеќе фактори – фреквенцијата на сообраќај, чистотата на патот, но и од бојата што се користи за бележење.

– На трајноста на хоризонталната сигнализација влијае прашината, поточно нечистотијата што се наоѓа на улицата и интензитетот на сообраќај, бројот на возилата што поминуваат. Важно е и каков материјал се користи за бележење на хоризонталната сигнализација. Како средство може да се користи боја, топла и ладна пластика. Бојата има дебелина од 0,2 милиметри, додека, пак, пластиката може да биде до пет милиметри. Трајноста на бојата е околу една година, додека, пак, на ладната пластика е максимум три години. Соодветно со тоа, и цената на пластиката може да биде од пет или 10 пати повисока од таа на бојата – вели сообраќајниот инженер Елмир Мустафаи.

Од „Улици и патишта“ тврдат дека периодов поплаките од граѓаните се многу поретки. А доколку некој сака да се пожали, треба да се обрати во Секторот за сообраќај во градот Скопје. Во зависност од ангажираноста на екипите, претпријатието би реагирало интервентно, но најчесто работи по Програмата за одржување хоризонтална и вертикална сигнализација на градските сообраќајници.

Но што кога не станува збор за главни сообраќајници туку за споредни улици. Значи ли дека граѓаните мора постојано да се жалат, а потоа претпријатието да реагира. Необележаните пешачки премини секако претставуваат опасност, а познато е колку брзо се вози дури и по сервисните улички. Неприспособената брзина на возилата и необележаните пешачки премини може да бидат причина за кобни последици по учесниците во сообраќајот.

– Некогаш сакам да пешачам или да возам велосипед низ Тафталиџе. И тогаш забележувам многу нешта, како на пример дека на улицата Васил Ѓорѓов, пешачки премини или нема или бојата на нив е избледена. Истата состојба е на улицата Народен фронт, само што таму ситуацијата е полоша. Во близината на монтажниот паркинг има издигнување на патот, а возачите не ја приспособуваат брзината кога ќе дојдат до него, иако пред него има мали направи што имаат функција на лежечки полицајци. Автомобилите возат толку брзо што некои речиси го прелетуваат издигнувањето на коловозот. Таму треба да има пешачки премини, а тие или ги нема или се избледени. Ако се бара, полесно може да се најде необележан отколку обележан пешачки премин – вели жител на Капиштец.