Цената на струјата, по која универзалниот снабдувач „ЕВН-хоум“ ќе ги снабдува малите потрошувачи и домаќинствата, од 1 јули останува иста. Оваа цена нема да се менува до 1 јули 2020 година. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) објави дека единствена промена на јулските сметки, кои ќе ги добијат граѓаните, ќе биде името на компанијата. Исто така, најавија дека нема да се увезува електрична енергија на регуларниот пазар, бидејќи има доволно струја за задоволување на потребите на домашниот пазар.

Претседателот на РКЕ, Марко Беслимовски, истакна дека е горд на оваа одлука и изрази голема благодарност до ЕЛЕМ, МЕПСО и Електродистрибуција.

– Во услови кога пазарот на електрична енергија од 1 јануари целосно се либерализира, кога се зборуваше дека тоа ќе значи енормно зголемување на цените и поради тоа беше одложена во 2015 и беа поведени неколку постапки против нашата држава во рамките на Енергетската заедница, тоа не се случи. Напротив, се покажа дека и покрај либерализација на пазарот со која голем број на комерцијални потрошувачи ги намалија своите трошоци за струја помеѓу 20 и 30 отсто, цената за домаќинствата останува непроменета – истакна Беслимовски.

Тој информира дека „Електрани на РСМ“ на аукцијата, која се одржа во средата, понудила цена од 34,5 евра за мегават-час и со тоа се обврза да ги задоволи целокупните потреби на малите потрошувачи и домаќинствата.

– ЕЛЕМ ќе обезбеди финансиска стабилност бидејќи со либерализацијата на пазарот на електрична енергија се отворија поголем простор и можност поголеми количества да се продаваат на слободниот пазар за струја и во Македонија и во странство по повисоки цени. Сите овие придобивки се пренесени во одлуката за цена на електричната енергија. „Електрани на РСМ“ 2018 година ја завршија со добивка од 29 милиони евра што е резултат на намалување на трошоците во рудниците. Оваа добивка се враќа кај македонските граѓани – истакна претседателот на РКЕ.

Од воведувањето на евтината тарифа има зголемена потрошувачка во периодите на нејзино важење, на годишно ниво во износ од 11 милиони евра. Споредено со 2017 година кога беше воведена евтината тарифа, посочи Беслимовски, цената за домаќинствата е намалена за пет проценти.
Е.Р.