Европскиот ракометен шампион, екипата на Вардар, во сезоната 2019/2020 во ракометната Лига на шампиони ќе се натпреварува во групата Б.

Противници на македонскиот шампион ќе му бидат противникот на финалето во Келн, унгарски Веспрем, потоа учесникот на последниот Ф4 турнир, полски Киелце, па следуваат белоруски Мешков Брест, украински Мотор Запорожје, француски Монпелје, португалски Порто и германскиот ракометен гигант Кил.

Во групата А покрај носителот, француски ПСЖ, се најдоа и шпанска Барселона, германски Фленсбург, дански Алборг, унгарски Пик Сегед, хрватски ППД Загреб, норвешки Елверум и словенечки Целје Пивоварна.

Вториот македонски претставник во ракометната Лига на шампиони, битолски Еурофарм Работник, ќе игра во групата Ц, одреди предмалку жрепката во седиштето на ЕХФ во Виена.

„Фармацевтите“ во своето ракометно деби во најквалитетното ракометно друштво ќе бидат во иста група со шведски Савехов, фински Кокс, словачки Татран Прешов, шпанска Бидасоа и со португалски Спортинг.

Во групата Д, која исто како и Ц групата се со послаб квалитет за разлика од групите А и Б, ќе ја сочинуваат тимовите на Динамо Букурешт (Романија), Чеховски Медведи (Русија), Кадетен Шафхаузен (Швајцарија), Кристијанштад (Шведска), Висла Плок (Полска) и ГОГ (Данска).