Фото: Игор Бансколиев

Непријавените работици се голем проблем на македонската економија. Непријавената работна сила е значаeн сегмент на сивата економија и тоа создава нееднакви услови, односно намалена конкурентност за компаниите што плаќаат даноци и социјални придонеси и се придржуваат до законската регулатива. Токму тоа е и елемент за создавање нелојална конкуренција, која, всушност, ја прави и државата со простувањето на придонесите, привилегирајќи некои од странските компании што работат во земјава

Процесот на приватизација, долгата транзиција и состојбите во посттранзицискиот период наметнаа нови квазистандарди во економиите на земјите што произлегоа од поранешна Југославија, по распадот на системот на договорната економија. Логиката на профитот наметна различен пристап на работодавците во стопанството, реалната економија, услужните дејности итн., каде што мотивот „да се направат што повеќе пари“ беше примарен, дури и на сметка на легалното работење. Даночната евазија, финансиските дубиози, манипулација со царинските давачки, корупцијата, сивата економија, па и енормните маржи беа воведени како практика во секојдневните стопански активности, и на фирмите и на многу индивидуални поединци. Во тој контекст остана и една појава што и денес често е предмет на анализа на експертите за борба против сивата економија, а се однесува на работната сила, односно пријавувањето на вработените.
Непријавената работна сила е значаeн сегмент на сивата економија, па постоењето на т.н. „неформален сектор“ од непријавени, создава нееднакви услови за компаниите што плаќаат даноци и социјални придонеси и се придржуваат до законската регулатива.

Во македонската јавност никако да се прифати дека платите не се социјална категорија, туку дека се цена или вредност на работникот, вредност на пазарот на трудот и истата таа влегува во цената на продуктот или услугата што компанијата ја продава. Со неплаќањето на работниците, односно нивно непријавување, компаниите влегуваат и во зоната на создавање нелојална конкуренција.
– Непријавените работници се голем проблем на македонската економија. Тоа е појава што целосно треба да биде забранета и сузбиена. Од една страна се оштетени работниците, а од друга страна се оштетени компаниите што редовно ги намируваат обврските кон своите вработени и кои ги исплаќаат сите трошоци за нив. Секако, со непријавувањето на работиците е оштетена и државата. Мора да признаеме дека кон проблемот придонесуваат сите, како компаниите што сакаат да избегнат плаќање даноци, така и некои од граѓаните, кои велат зошто да ѝ ги даваме парите на државата кога може ние да ги земеме – вели Горан Рафајловски, сопственик на компанијата „Рафајловски консалтинг“.

Тој додава дека во својата компанија не прифаќа ниту практиканти, туку кога доаѓа нов вработен, тој е веднаш пријавен. Посочува дека со непријавувањето на работниците компанијата што го прави тоа е веднаш вештачки „поконкурентна“ од неговата, бидејќи не ги намирува давачките кон државата.
– Со непријавувањето и неплаќањето здравствено и пензиско осигурување се оштетува државата. А потоа истите луѓе, кои не сакаат да ги платат тие обврски, се бунат зошто на улиците имаме дупки, зошто здравството не било доволно квалитетно. Од друга страна, за сите во здравството важат истите правила, сите одиме на Мој термин, и јас што ги плаќам за секој вработен сите придонеси, и моите вработени, но и оние што не плаќаат ништо за вработените, па и оние што прифаќаат да работат непријавени. Системот не може да функционира ако сите си прават по свое, едноставно мора сите да ги почитуваме правилата за да може да функционира државата – додава Рафајловски.

Меѓу другото, тој додаде дека им советува на работниците да не прифаќаат работа без пријавување, особено на оние што имаат избор и тоа го прават за да добијат поголема плата, бидејќи на тој начин сами на себе си наштетуваат, посочувајќи дека со тоа ќе имаат и помали пензии, но и помали права како работници. Рафајловски исто така посочи дека нелојална конкуренција прави и државата со простувањето на придонесите, привилегија што им ја овозможија на некои од странските компании што работат во земјава.

Дека проблемот со непријавување на работниците е голем честопати укажуваат и стопанските комори, од каде што се апелира за доследна примена на законските обврски, поточно за регулирање на работниот стаж на вработените.
– За стопанството најголем проблем се компаниите што работат во сивата зона, а остваруваат милионски профити. Не се цел оние што работат занаетчиски дејности или оние што се обидуваат да се прехранат, туку компании со милионски профити, кои не ги пријавуваат работниците и со тоа директно ги оштетуваат и компаниите што работат легално. Оние што не плаќаат даноци се за 50 отсто поконкурентни уште на почетокот. Меѓутоа, и сите оние граѓани што работат кај овие нерегистрирани субјекти не добиваат ниту пензиско, ниту социјално осигурување. Навистина оштетувањето е големо, не само кај компаниите, туку и кај граѓаните – рече претседателката на Сојузот на стопански комори (ССК), Данела Арсовска.

Непријавената работна сила е значаeн сегмент на сивата економија, па постоењето неформален сектор создава нееднакви услови за компаниите што плаќаат даноци и социјални придонеси и се придржуваат до законската регулатива, велат од Стопанската комора на Македонија. Стопанството бара засилени контроли и инспекции и спречување на нелојалната конкуренција, која го урива пазарот бидејќи не плаќа никакви давачки.

– Спречувањето на сивата економија дефинитивно ќе даде резултати во растот на севкупната економија. Треба секој што врши дејност во Македонија да има обврска да плаќа данок, а не само оние што работат регистрирано. Доколку се стават во употреба механизмите за засилување на контролата и наплатата на непријавени даноци ќе се постигне поволен ефект во буџетот и ќе се создаде амбиент за изработување реформски мерки од креаторите на политиката, кои би биле насочени кон обезбедување поквалитетни услови за живот. Целта на инспекциските служби треба да биде детектирање и воведување на оние што работат нерегистрирано, да се регистрираат и да станат рамноправни на пазарот со другите субјекти. Компаниите да имаат еднакви можности и услови да се натпреваруваат на пазарот – прецизираат од СКМ.

[email protected]