Во градинките, училниците и училишните спортски сали има поголеми концентрации на прашина и PM честички отколку во надворешниот воздух, сообраќајот значително влијае на изложеноста на луѓето на загадувачките материи, а комуналните отпадни води се најголеми загадувачи на Вардар и Брегалница. Ова го покажуваат мерењата на квалитетот на воздухот, водата и почвата во скопскиот и во штипскиот регион, кои ги направи Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во соработка со Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

Мерењата беа направени во периодот од 15  мај до 20 јуни 2019 година од страна на Теренската лабораторија за животна и работна средина АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Kонцентрациите на прашина и PM10 честичките се екстремно повисоки во занималните во градинките, училниците и спортските сали во училиштата отколку во надворешниот воздух, покажуваат резултатите од мерењата во Скопје и во Штип кои се направени во активниот период при престојот на децата и вработените во просториите. Присуството на ПМ10 честичките три до пет пати ги надминува дозволените дневни вредности. Во периодот надвор од активните часови, прашината бргу се таложи и концентрациите се изедначуваат или се спуштаат под амбиентните, што укажува дека основната причина за високите концентрации на PM10 честичките е повторното кревање на прашината во активниот период. Концентрациите на поситните честички РМ1 и РМ2.5, кои се поопасни за здравјето на луѓето, исто така се поголеми во сите внатрешни простории отколку надвор, но се значително пониски и поблиски до амбиентните.

Најголеми загадувачи на реките Вардар и Брегалница се комуналните отпадни води (канализацијата), отпадот од фармите и хемиските материи кои се користат во земјоделството, покажуваат мерењата при кои се детектирани драстично високи концентрации на фосфор и зголемени концентрации на нитрити. Примероците од Вардар беа земени кај мостот што ги спојува Сарај и Ѓорче Петров и кај Градски стадион, додека примероците од Брегалница беа земени од околина на селото Карбинци, во штипското Ново Село и околина на селото Софилари, под испустот на колекторот на отпадни води на Штип. Овие локации укажуваат дека главната причина за лошиот квалитет на водите во реките е несоодветното третирање на комуналните отпадни води – ниту едно населено место во горниот тек на Вардар и анализираниот дел на Брегалница нема пречистителна станица.

Примероците од почви без земени од неколку земјоделски, урбани и индустриски средини – штипските села Крупиште и Чардаклија, во близина на булеварите „Илинден“ во Скопје и „Гоце Делчев“ во Штип и околу фабриките Железара и Цементарница Усје во Скопје. Концентрациите на тешки метали во ниту еден од примероците не може да се оценат како високи, независно од зоната каде беа земани, и не се детектирани зони во кои постои потреба за санација на почвата од аспект на содржина на тешки метали. Меѓутоа, добиените резултати се само информативни и не претставуваат научна основа за донесување генерални заклучоци за квалитетот на почвите. Резултатите добиени со овие анализи беа споредени со препораките за квалитетот на почвите на холандската Влада.

Кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

Презентациите од мерењата можете да ги погледнете на следните линкови:

Воздух – https://www.dropbox.com/s/i1xva1ec8xs3nmz/Vozduh%20vo%20Mikrosredina.pptm?dl=0

Води – https://www.dropbox.com/s/zed81ozlbuo8e7n/Vodi%20od%20Vardar%20i%20BregalnicaF.pptm?dl=0

Почви – https://www.dropbox.com/sh/o2ueirxzu3ro0if/AACFazRVz7V30SbMMNfC2kNka?dl=0