Фото: Дарко Андоновски

Дали навистина може со деловнички и интервенции во други правни акти целосно да се отстрани ризикот од инциденти во државните институции, предизвикани од партиско-политикантски тензии? Повторно мислењата се поделени. Едни се сигурни дека за многуте инциденти во нашето собрание се виновни законите, Деловникот и другите правни акти во кои има недоречености, други тврдат дека ниту еден деловник или правен акт не може да помогне ако немаме разум, односно развиена политичка свест и култура. Треба да се поработи на честа, моралот, етиката, принципиелноста и на институтот – оставка на пратениците, како и на сите јавни функционери

Во текот на изминатиот викенд во Собранието се одвиваше втората сесија на процесот „Жан Моне“, чија цел е, пред сѐ, да се унапреди работата на парламентот, преку допрецизирање на одредбите и процедурите во Деловникот. Овој процес се спроведува по иницијатива и под покровителство на европратениците: Иво Вајгал, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан. Првата сесија на „Жан Моне“ се одржа минатата година во Охрид, но всушност основната причина и цел за спроведување на овој парламентарен процес е, пред сѐ, да се превенираат и оневозможат ситуации на насилство како оние од 27 април 2017 година, при избор на претседател на Собранието.

По дводневната дискусија во парламентот, во рамките на „Жан Моне“, власта и опозицијата ги испеглале разликите за Деловникот. Односно постигната е согласност за најголем дел прашања поврзани со конститутивната седница, според договореното, конститутивната седница ќе трае најмногу два дена и со неа ќе претседава најстариот пратеник. Имено, на настаните од 27 април 2017 година им претходеа несогласувањата меѓу тогашните власт и опозиција, околу тоа кој треба да ја води конститутивната седница – дали тогаш актуелниот спикер Трајко Вељановски или, пак, најстариот пратеник Бранко Манојловски од ДУИ што беше повод за тензии. Сепак, освен собранискиот деловник, во фокусот на разговорите било и самостојното внатрешно обезбедување на парламентот и финансиска независност на законодавниот дом. Со новиот деловник ќе се регулира и носењето на буџетот. Ќе има рокови за општата и за амандманската расправа (со измените се предвидува да трае 10 дена). Новина ќе биде тоа што по завршувањето на расправата за буџетот на опозицијата ќе ѝ се даде шанса од еден ден плус – расправа за амандмани што не поминале во расправата. Пратеничките групи добиле и уверување од премиерот Зоран Заев за поголема финансиска независност на парламентот, односно Собранието да располага со свој буџет, кој нема да зависи од одобренијата на министерот за финансии.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, накратко информира за дискусиите и заклучоците што произлегле од втората сесија на процесот „Жан Моне“.

– Тоа е дел од работата околу ограничувањето на времетраењето на дискусиите за да се има предвидливост на почетокот и крајот на дебатата по определена точка и седница. Има дел од начинот на избор на генерален секретар, заменици на генерален секретар, потоа има дел околу работите по однос на имунитетот и реституцијата на имунитет, во смисла на начинот на одземањето и гласањето за тоа и можноста да се врати имунитетот, како и дел околу скратените постапки. Значи, тоа се работи што може да ги третираме, но ги оставивме отворени за да можеме да допрецизираме одредени дилеми што се искажаа како резултат на дебатата во смисла на она што ќе биде конечната одлука – наведе спикерот Џафери.

Иако некои од пратениците сметаат дека со предложените измени во Деловникот нема да се дозволат нови настани како оние од 27 април 2017, во јавноста сепак останува сомнежот дали навистина може со деловнички и законски акти целосно да се отстрани ризикот од инциденти во државните институции, предизвикани од политички тензии.
– Ниту еден деловник, ниту еден закон не може да помогне ако немаме разум, односно развиена политичка свест и култура. Како кај пратениците, така и кај сите други политички чинители. Ми се чини дека овој процес на интервенција во собранискиот деловник, со намера да се спречат насилни инциденти, ќе се претвори во сопствен парадокс. Односно, со секоја интервенција во Деловникот, наместо да им се намалат привилегиите на пратениците, тие како да им се зголемуваат. Сметам дека, пред сѐ, треба да се поработи на институтот – оставка на пратениците (и сите јавни функционери) и за најмала грешка. На граѓаните им е доста од злоупотребите на носителите на јавните функции. Понатаму, мора да се демократизираат самите политички партии. Не може лидерите на партиите самите (или со тесен круг соработници) да избираат кој ќе биде на изборната листа, сами да носат решенија и одлуки, да се договараат меѓу себе на лидерските средби, а пратениците да бидат само гласачка машина. Сите овие аспекти на партиската (не)демократија, секако, влијаат и на однесувањето на пратениците, кои повеќе размислуваат за привилегиите што ќе ги добијат со функцијата, отколку на одговорноста пред тие што ги избрале. Сѐ додека пратеникот не може да биде отповикан од тие што го избрале, не можеме да зборуваме за одговорност. А што се однесува до процесот „Жан Моне“, сметам дека тоа е перфиден начин за трошење пари од европските бирократи за банални нешта – вели професорот Јове Кекеновски.