Маневрите се поврзани со влошувањето на односите помеѓу САД и Иран, со зголемената активност на НАТО во близината на руските граници, особено во балтичкиот регион и во Полска, како и со настаните во Грузија, оценуваат руски воени експерти

Руската војска почна ненајавени маневри во Централна Азија, чија цел е проверка на борбената готовност за одржување на воената безбедност во овој регион. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу порача дека петдневните маневри ќе ја тестираат способноста на вооружените сили во Централна Азија, каде што и натаму постојат сериозни терористички закани. Во воените вежби, според Министерството за одбрана, ќе учествуваат околу 150.000 руски војници, поддржани од 500 авиони и 20.000 возила. Воени експерти оценуваат дека ненајавените маневри се одговор на растечките тензии помеѓу САД и Иран, како и на зголемената активност на НАТО по должината на руската граница.

Министерот Шојгу потврди дека маневрите се одржуваат на 35 полигони за стрелање. Според него, со вежбите ќе се провери способноста на руската војска за неутрализирање терористички закани и заштита на владините објекти. Руски претставници изминатиот период повеќепати изразија загриженост за можното префрлање милитанти од Авганистан во бившите советски републики во Централна Азија. Русија има воен контингент во Таџикистан, кој се граничи со Авганистан, како и воена воздушна база во Киргистан.
Од друга страна, Сергеј Липовој, претседател на асоцијација на руските воени ветерани, оценува дека покрај проверката на борбената готовност, маневрите ќе испратат сериозен сигнал и до НАТО и до Западот.

– Се разбира дека маневрите се поврзани со зголемената активност на НАТО во близината на руските граници, особено во балтичкиот регион и во Полска, и со влошувањето на односите помеѓу САД и Иран, како и со настаните во Грузија, каде што, според моето мислење, стојат токму Американците – порача Липовој. На почетокот од јуни, американскиот претседател Доналд Трамп вети испраќање дополнителни илјада војници во Полска, со што „ќе се обезбеди дополнителна одбрана и ќе се зајакнат капацитети за одвраќање“. Официјална Варшава, како што пренесува „Њузвик“, постојано се жали за наводното агресивно однесување на Москва, која порано имала голема контрола врз бившата советска сателитска држава.

По најавата на Трамп, рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека Русија е загрижена поради зголемувањето на воените тензии во Европа, особено на т.н. источно крило на НАТО. Рјабков исто така предупреди дека распоредувањето војници може да претставува кршење на Договорот за заеднички односи помеѓу Русија и НАТО од 1997 година. Целта на договорот е воспоставување поголема доверба помеѓу двете страни и избегнување зголемување на присуството на воени сили од двете страни на границата.

И додека Русија, можеби, е особено загрижена за настаните на своите граници, планираното американско распоредување на дополнителни 2.500 војници на Блискиот Исток, заедно со испраќањето воени бродови и бомбардери, исто така го вклучи алармот во Кремљ. Администрацијата на Трамп го оправда потегот, поврзувајќи го Иран со наводните закани против американските интереси во регионот и неодамнешните напади врз странски танкери со нафта во Оманскиот Залив, во близината на најфреквентната поморска маршрута за испорака на нафта – Ормутскиот Теснец. Русија има стратегиско партнерство со Иран во Сирија, каде што ги поддржуваат владините сили во борбата со бунтовниците и џихадистите, кои порано ја уживаа поддршката на САД и нивните регионални сили.