Обвинениот Едвард Галагер во Ирак во 2017 година

Сведоштвата на истражителите и на експертите за форензика кои поротата имаше прилика да ги слушне на петтиот ден од судењето на припадникот на специјалната единица „фоки“ на американската морнарица, Едвард Галагер, кој се соочува со обвинувања за убиство на дете-борец од Исламската држава (ИД) во Ирак, само ја продлобачија мистеријата за случувањата од мај 2017 година, пренесува Си-ен-ен.

Доктор Френк Шеридан им кажа на обвинителите оти наводното бодење со нож кое другите сведоци го опишале можело да резултира со обилно внатрешно крварење, дури и со смрт. Тој го донел ваквиот заклучок врз основа на фото и видео-доказите. Но, Шеридан истакнал дека не може да ја одреди точната причина за смртта на жртвата, односно дали момчето воопшто било избодено со нож. 

Претходно, на судењето дојде до изненадувачко откритие кога сведокот на наводното злосторство, и соборецот на Галагер од истата единица, Кори Скот, истакна дека тој го извршил убиството, а не обвинетиот. Скот сведочеше дека Галагер го пробол тинејџерот со нож, но дека тој, всушност, го извршил убиството во болницата во кое детето се опоравувало од повредите. Скот тврди дека тој ја убил жртвата од сожалување, сметајќи дека борецот на ИД ќе биде измачуван во притвор, од страна на ирачката полиција. Обвинителството, пак, реагираше дека Скот изнел лажни тврдења, нагласувајќи дека претходно не ја спомнал ваквата верзија на настаните. Човекот што го призна убиството веројатно нема да се соочи со обвиненија поради наводен договор со обвинителството, според „Нејви тајмс“.

Обвинителството, исто така, го прикажа Галагер како високообучен борец кој се оттргнал од контрола во текот на неговата осма воена тура, пукајќи кон ирачки цивили и смртно бодејќи дете-борец на ИД за кое се претпоставува дека било на 15-годишна возраст. Во обвинението се наведува и дека Галагер го избодел тинејџерот кој бил донесен на лекување кај „фоките“ во ирачки Мосул, поради повредите здобиени во борбите со ирачката армија во мај 2017 година. Згора, сведоците тврдат оти Галагер без причина го избодел момчето, а потоа и позирал со неговиот труп.

Информациите за случајот ги собрал специјалниот истражител на американската морнарица Џо Варпински, кој разговарал со деветмина членови на „фоките“. Варпински слушнал сведоштва според кои Галагер во повеќе наврати пукал кон цивили, а потоа се заканувал кон неговите соборци во случај тие да ги пријават неговите постапки. Командирот на водот Џејкоб Портиер е обвинет бидејќи не го пријавил Галагер.

Обвинетиот се соочува со доживотна казна затвор на судењето кое се очекува да трае три недели. За разлика од судењата во кои се вклучени цивили, воените трибунали постапуваат по обвиненијата од официјални воени лица, во овој случај од претпоставените на Галагер. Судењата се интерни, со порота од воен персонал,  а во случајот на Галагер, и со судија од морнарицата. Случајот е специфичен поради сериозноста на обвинувањата против елитен специјалец, како и поради вклученоста на сведоштвото на припадници на единицата „фоки“, која е позната по нејзината поврзаност и затвореност.