Постојат многу нешта за кои може да се обвини владата во заминување на премиерот Алексис Ципрас, пишува грчкиот весник „То вима“ во колумната насловена „Злосторство и казна“.

– Преувеличувањата, погрешните пресметки и недостатоците беа составен дел. Ако сакаме да бидеме попустливи, може да се земе в предвид дека таа носеше голем товар и плати политичка цена, како и да се сфати дека слабите резултати од нејзините политики се должат на неискуството, идеолошките фиксации и догматизмот што ги определија ставовите на министрите. Но постојат непростливи аспекти од учинокот на владата кои го вклучуваат управувањето со институциите кои се столбови на демократијата. За време на мандатот на Ципрас, страдаа судството, јавната администрација, а од неодамна и локалната власт – се наведува во колумната на грчкиот весник.

Ципрас се наоѓа во тешка политичка ситуација, пишуваат грчките медиуми. Според анкетите, рејтингот на СИРИЗА на Ципрас е далеку зад најголемата опозициска партија Нова демократија, која ја симна од власт во 2015 година, и по вторпат ја победи на вонредни избори истата година. Дванаесет различни анкети спроведени годинава покажуваат дека Нова демократија има поддршка поголема за 14,1 отсто во однос на СИРИЗА. Две третини од испитаниците во анкетите изразиле незадоволство и поради постигнувањето на Преспанскиот договор.

Познавачите на состојбите наведуваат дека Ципрас и неговата влада, на претстојните предвремени избори на 7 јули, ќе ја платат цената од незадоволството на грчките граѓани, откако СИРИЗА претрпе пораз и на неодамнешните европски избори.