Во Музеј-галерија Кавадарци утре во 13 часот ќе биде отворена изложба под наслов„Најзначајните археолошки локалитети во кавадаречко“ на која на 41 пано ќе бидат презентирани 190 фотографии и плакати од најзначајните научно-истражувачки проекти.

Тиквешијата и областа околу градот Кавадарци спаѓа во редот на региони со голем број археолошки локлитети со богати материјални остатоци кои се свидетели на човековите активности од најраните епохи на цивилизацијата, па се до денес. Поволните геоморфолошки и хидролошки потенцијали и патни артерии на Тиквешката Котлина придонеле за постоењето на богатата и разновидна археолошка содржина во континуитет во изминативе периоди. Сето ова е причина во текот на 19 век во Тиквешијата воопшто и во кавадаречко да има зголемена посета на голем број транзитни патници од европската и светската јавност.

Исто така, константен е интересот за проучување на материјалните остатоци и археолошки локалитети во кавадаречко за кои дознаваме од литературата на голем број еминентни археолози, историчари, антрополози, нумизматичари и епиграфичари. Научната јавности низ целиот 20 век се интересира и ги студира археолошките остатоци во кавадаречко.

На почетокот скромно со посетите на значајни, претежно странски истражувачи и патеписци како Радовановиќ, Еромонахот Јосиф, Хојзи Егер и Вулиќ, а подоцна во втората половина на 20 и почетокот на 21 век да се појават постудиозни истражувања и статии и студии од страна на афирмирани доктори на науки и универзитетски професори како Иван Микулчиќ, Керамитчиева, Петров, Коцо, Папазоглу, Грозданова, Алексова, Петрова, Винчиќ, Лилчиќ, Димитрова и Филипова. Првичните интервенции на археолошки локалитети се површинските истражувања и делумно сондирање во скромен обем како проекти на Филозовскиот факултет и Институтот за историја на уметноста и археологија- Скопје, однсоно Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата денес – Национален конзерваторски центар.

– Со формирањето на Музеј-галерија Кавадарци во 1976 година, долг период се работеше на рекогносцирање на археолошките локалитети и откривање на нови со што археолошката карта се збогати со над 200 археолошки локалитети од различен временски период. Од нив најзначајни се: неолитската населба на локалитетот Чаковец, Тиквеш-Градот близу селото Ресава, античките и средновековни градови Еударист кај селото Дреново и Градиште во населбата Глишиќ, античкиот град со некропола Белград, локалитетот Викало селото Моклиште – античко и средновековно градче, ранохристијанската и средновековна црква Св. Богородица во селото Дреново, локалитетот Вршник кај селото Манастирец и ранохристијанските базилики во селата Крњево и Горно Бошава – открива виш кустос археолог Весна Ѓорѓиева од Музеј- галерија Кавадарци.

М.М.