Прв носител ќе биде светскиот тениски рекет број 1, Ѓоковиќ, а втор Федерер, кој е трет на АТП-листата, но има повеќе поени од вториот на АТП-рангирањето, Надал, со што е втор на посебната листа на Вимблдон за одредување на носителите за тој гранслем-турнир

Швајцарецот Роже Федерер во добро расположение и добра форма ќе допатува на годинашното издание на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон во Лондон, кој почнува в понеделник. За тоа во прилог му оди и неговата 10-та рекордна победа на АТП-турнирот во Хале, совладувајќи го Белгиецот Давид Гофин со 7-6, 6-1, што, пак, беше осми триумф во нивното деветто меѓусебно соочување.

Со оваа победа Федерер му се приклучи на Шпанецот Рафаел Надал, кој досега беше единствениот со двоцифрен број победи на турнири, и тоа по 11 во Монте Карло и во Барселона и 12 на Ролан Гарос. Патем Федерер го впиша својот 102. турнирски триумф и се приближи на само седум од рекордот на Американецот Џими Конорс (109 победи).

Според посебната листа и специјалната формула што се применува за изработување на носителите на турнирот во Вимблдон, Надал додаде вкупно 855 поени (720 за пласман во полуфиналето на Вимблдон во 2018 и 135 во 2017 година) на неговиот скор од 7.945, освојувајќи вкупно 8.800, а Федерер 860 поени за последните 12 месеци (вклучувајќи го и Хале) и 1.500 (75 отсто од Вимблдон во 2017 година), па сега има вкупно 8.980 бода. Тоа значи дека Федерер ќе биде втор носител на Вимблдон и не ќе може да се сретне со носителот број 1 и четирикратен победник Србинот Новак Ѓоковиќ. Според информациите, за специјалната формула се земаат поените од АТП-листата од понеделникот, 100 отсто од бодовите од турнирите на трева во минатите 12 месеци и 75 отсто од поените од една година претходно на турнирите на трева. Ждрепката е закажана за петок од 10 часот.

– Ова е првпат да победам на ист турнир по 10-ти пат, па токму затоа ми претставува посебен момент. Секојпат кога победував тука продолжував да играм добро на Вимблдон. Секако, тоа никогаш не е гаранција, но сум бил долго на турнирите. И најважно, знам дека не сум повреден и имам неколку дена за да се подготвам – рече Федерер по победата во Хале.

Првата победа на Федерер во Хале беше во 2003 година, по што првпат ја освои титулата на Вимблдон. Лани, пак, на Вимблдон беше поразен во четврт-финалето од Јужноафриканецот Кевин Андерсон, кој подоцна стигна до финалето. Надал, пак, победи на Ролан Гарос во почетокот на јуни и сега има 18 гранслем-титули, само две помалку од Федерер, а бранителот на трофејот на Вимблдон, Ѓоковиќ, има 15.
На најновата АТП-листа убедливо води Ѓоковиќ со 12.415 поени и тој веќе 257. недела е на врвот на светската листа (во оваа категорија води Федерер со вкупно 310 недели на првото место). На листата потоа се Надал (7.945 поени) и Федерер (6.620). На ВТА-листата дојде до смена и сега прва е Ешли Бартон (6.540) од Австралија, а втора е Јапонката Наоми Осака (6.377). 


Зголемен наградниот фонд, пораз во прво коло носи 45.000 фунти

Годинашниот награден фонд на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон изнесува 38 милиони фунти, што е за 11 отсто повеќе отколку лани. Победниците во машка и во женска конкуренција ќе бидат побогати за 2,35 милиони фунти, што е за 100.000 фунти повеќе отколку во 2018 година. Наградите за поразените во првите три кола се поголеми за 10 отсто, а оние што нема да обезбедат пласман во 2-то коло ќе заработат по 45.000 фунти.


ДВОЦИФРЕН БРОЈ ПОБЕДИ
НА ТУРНИРИ
Надал 12, Ролан Гарос
Надал 11, Монте Карло
Надал 11, Барселона
Федерер 10, Хале

НЕДЕЛИ НА ПРВОТО МЕСТО
НА АТП-ЛИСТАТА
Роже Федерер 310
Пит Сампрас 286
Иван Лендл 270
Џими Конорс 268
Новак Ѓоковиќ 257

НАЈМНОГУ ТИТУЛИ
Џими Конорс 109
Роже Федерер 102
Иван Лендл 94
Рафаел Надал 82
Џон Мекинро 77
Род Лејвер 74
Новак Ѓоковиќ 74