Издавачката куќа „Готен“, во рамките на проектот „Читајќи го Балканот“, е домаќин на писателот Илија Ѓуровиќ од Црна Гора, кој во текот на јуни е гостин на резиденцијалната програма за писатели. Проектот „Читајќи го Балканот“, кој опфаќа резиденцијални престои на автори од Балканот во шест балкански града (Скопје, Тирана, Белград, Сараево, Сплит и Ново место), беше конкретен повод за разговорот, на кој имаше и некои од македонските автори што учествуваа во овој проект: Жарко Кујинџиски (кој оствари резиденцијален престој во Сплит), Живко Грозданоски (резиденцијален престој во Сараево) и Петар Андоновски (автор чиј роман „Телото во кое треба да се живее“ беше преведен на англиски јазик во рамките на проектот, а исто така учествуваше и на книжевната вечер организирана во Черновиц, Украина). Од нашата земја учество во проектот „Читајќи го Балканот“ преку резиденцијален престој остварија и Лидија Димковска, Даим Мифтари, Игор Анѓелков, Давор Стојановски и Иван Шопов.

Теми на разговорот се вмрежувањето на авторите од балканскиот регион, можноста за поголема регионална соработка, дали балканскиот регион може да се согледува како автентичен книжевен и културен простор, со свои специфики… Илија Ѓуровиќ (Подгорица, 1990) е автор на кратки раскази, поезија, драми и филмски сценарија. Неговите раскази се објавени во списанија во Црна Гора и во регионот, а застапен е и во неколку антологии. Моментално живее и работи во Берлин, а првиот негов роман треба да излезе во 2020 година.

Проектот „Читајќи го Балканот“ е партнерски проект на издавачката куќа „Готен“ од Скопје, „Гога“ од Ново Место и организацијата „Крокодил“ од Белград.