Едно од делата на Хоусего, бронзената „Фигура што чекори 2“ (Дух), е поставено на отворено, во средината на фонтаната што се наоѓа пред самиот објект. На тој начин, релјефот на Алфред Август Жано од 1937-та, кој ја краси зградата на музејот, во комбинација со Ајфеловата кула, која директно гледа преку реката Сена, станува дел од самата изложба

Ирма Башеска Ристовска,
специјално за „Нова Македонија“ од Париз

Музејот на модерната уметност во Париз од неодамна е збогатен со нови донации и моментално ја презентира својата подновена колекција што ја истражува нарацијата како визуелна, а не како книжевна форма на изразување. Поставката „Гласини и легенди“ ја претставува уметноста што се соочува со својот политички, социјален и естетски контекст и е поделена во два големи дела, од кои едниот претставува прозорец кон изминатите децении на уметноста во Франција и на други места, додека, пак, другиот ја повторува денешната сцена во меѓународни рамки.

Но парискиот Музеј на модерната уметност исто така периодов посветува четири соби на ретроспективна изложба на дела од англискиот скулптор и сликар Томас Хоусего. Хаусего, роден во 1972 година во Лидс (Обединетото Кралство), живее и работи во Лос Анџелес од 2003 година и денес претставува значајна фигура на интернационалната уметничка сцена, а неговите дела се дел од голем број музеи и приватни колекции.

Изложбата насловена „Речиси човек“ првпат ги носи сите дела на Хоусего во Франција. Таа претставува хронолошки приказ на целокупното творештво на уметникот, од самите почетоци во 1990-тите години, вклучувајќи и едно сосема ново дело, создадено специјално за изложбата. Уште од самиот почеток лесно е да се воочи дека фокусот на Хоусего е ставен на човековата фигура. Во најголем дел тој твори во бетон, гипс, дрво, мермер, железо, бронза, користејќи ги материјалите сурово, но „Речиси човек“ вклучува и негови слики, како и стари цртежи и скици. Делата на Хоусего варираат во димензии, од застрашувачки огромни до деликатни и мали.

Првата соба во најголем дел вклучува гипсени антропоморфни фигури што ја отсликуваат атмосферата во тогашното студио на Хоусего, додека, пак, во втората соба се поставени неговите експериментални архитектонски скулптури. Третата соба ги содржи неговите најдоминантни дела што веднаш предизвикуваат восхит. Тука се поставени неговото гипсено „Бебе“, кое беше вклучено на изложбата „Витни билениал“ во 2010 година, потоа „Л’хоме пресе“, висока бронзена фигура на човек во од, која во 2011 година беше поставена пред „Палацо Граси“ на Големиот канал во Венеција за време на Биеналето. Во овој простор е поставен и големиот легнат „Дрвен скелет 1“ (Татко), а на најголемиот ѕид во салата е поставен серијалот „Црни слики“ од 2016 година. Четвртата соба особено го привлекува вниманието со својот различен концепт од другите. Во центарот на просторијата е поставено „Каст студио“, кое претставува сцена со столчиња, кревет, огромен куп поставен на средина, када и гроб, а сето тоа е придружено од црно-бели фотографии закачени по ѕидовите и проекција на филм што ја документираат изработката на делото.

Од Музејот на модерната уметност во Париз велат дека просторот во кој изложува Хоусего е интегрален дел од самата изложба „Речиси човек“. Големите прозорци на салите овозможуваат влез на силна дневна светлина, која се рефлектира од белите ѕидови и совршено ги осветлува скулптурите. Едно од делата на Хоусего, бронзената „Фигура што чекори 2“ (Дух), е поставено на отворено, во средината на фонтаната што се наоѓа пред самиот објект. На тој начин релјефот на Алфред Август Жано од 1937-та, кој ја краси зградата на музејот, во комбинација со Ајфеловата кула, која директно гледа преку реката Сена, станува дел од самата изложба.

Томас Хоусего е еден од ретките скулптори од својата генерација.
Неговата популарност е многу поголема во другите држави за разлика од Франција, па кураторката на изложбата, Оливиа Голтие-Женрој, верува дека „Речиси човек“ е успешен начин да се доближи неговото творештво до француската публика. Отворањето на изложбата се случи на 15 март годинава, но ќе биде достапна за јавноста до 14 јули.