Илјадници Германци заминале на Средниот Исток за да ѝ се придружат на Исламската држава по 2013 година. Една третина од нив се вратени во Германија. Некои загинале на бојно поле, други во затвор, а има и многумина исчезнати. Германската влада загубила трага на повеќе од 160 поддржувачи на ИД, пренесува „Дојче веле“.

Од германското Министерство за внатрешни работи велат дека за многу од германските борци се верува дека загинале во немирите, но во ретки случаи некои лица успеваат да побегнат или исчезнат.

Од министерството потенцираат дека малку е веројатно следбениците на ИД да ја преминат германската граница и притоа да не бидат забележани, поради бројните мерки кои се преземаат за да се отежни нивното повторно влегување во државата.

Генералниот секретар на Слободната демократска партија, Линда Тијутберг, ја обвини владата за немање план како да се справи со странските борци од Германија, или пак, како да ги осуди за нивните постапки.

– Ова се однесува на Германците кои се притворени во зоната на конфликтот, како и на повеќе од 200 поранешни поддржувачи на ИД кои сега се вратени во Германија. Еден начин за справување со ситуацијата е да се зајакне капацитетот на германските власти за да можат детално да ги истражат и правогонат воените злосторства во странство – вели таа.