Ексклузивно за „Нова Македонија“ интервју со Мајкл Фасбендер

Мајкл Фасбендер е ирски актер со германско потекло. Со неговата колешка Џесика Честејн се смета за најголема млада ѕвезда во филмот „Мрачниот феникс“.
Мајкл Фасбендер го игра ликот на Ерик Ленсхер, проблематичниот и силен мутант познат како Магнето уште од „Екс-мен: Прва класа“ од 2011 година. Во тој филм неговиот лик се развива како самостоен лидер, кој се бори со тоа како општеството се однесува со мутантите. Фасбендер, кој досега во својата кариера беше номиниран за два „оскара“, играше и во филмовите „Макбет“, „12 години ропство“ и во „Вонземјанин: Завет“. Во ова интервју зборува за развојот на ликот на Ерик низ годините, како и за одличниот однос со актерската екипа на снимањето.

Која е причината поради која се вративте на овој филмски серијал?
– Поради сè што се случуваше до „Темниот феникс“, а особено затоа што Сајмон овој пат е режисер. Сакав да му ја дадам целата моја поддршка. Со него е фантастично да се работи, а беше дел и од „Прва класа“, „Денови од идното минато“ и „Апокалипса“. Многу бев среќен што овој пат тој го режира новиот дел од „Екс-мен“.
Ова е режисерско деби за Сајмон. Како се покажа на режисерското столче?
– Беше многу релаксиран и самоуверен, како да има долгогодишно искуство. Во својата кариера има работено на многу големи филмови и бил составен дел од нив. Исто така станува збор за многу паметен човек, кој прво ги проверува фактите па потоа одлучува како ќе постапи. Внимателно слуша и набљудува што го прави одличен режисер. Мислам дека ги чекаше своите пет минути и процени дека токму сега е вистинското време да се покаже.

Што се случува со ликот на Ерик во новиот филм?
– Конечно станува култен лидер, нешто што цело време го носеше во себе. Тој ја создаде заедницата Геноша, поточно независната земја во која мутантите живеат во хармонија и мир и во која се добредојдени сите што се согласуваат со нејзините закони и сакаат да придонесуваат во неа. Како лик е независен, не се врзува со никого и токму неговата лична борба низ филмовите, во кои јас го играм, кулминира во овој физички простор. Бидејќи го губи семејството, сето она што се случува со него од детството и подоцна со неговата сопруга и детето влијае како смртта секогаш да е неизбежен дел од неговиот живот. Но во овој филм гледаме еден зрел и посмирен Ерик, кој поради верноста го напушта овој рај. Исто како во старите добри вестерн-филмови кога еден од ликовите има своја мисија.

Се чини дека Сајмон сака вниманието да го насочи повеќе на ликовите. Што мислите вие?
– Мислам дека сакаше да влезе во срцевината на ликовите, дури и визуелно како тоа се сними, а голем дел од кадрите беа направени токму со рачна камера, а јас не бев во костимите на Магнето. Шлемот го носам, но сè друго се сведува на развој на ликот.

Дали колегите ви завидуваа на ролките и фармерките?
– Не знам. Бев среќен што имав лесен костим за носење за разлика од Николас (Холт), кој секој ден мораше да биде облечен како Ѕверот. Во споредба со него, јас имав полесна задача.

Има една реплика во филмот, која вели дека Егзевиер секогаш држи некаков говор. Дали Сајмон сакаше да си игра со стилот на жанрот?
– Токму така. Сите ја знаеме неговата идеологија без разлика дали заедно играат шах или Чарлс телепатски разговара со него. Ова беше еден ироничен момент во сценариото што потсетува на филмовите со Индијана Џонс каде што тој го вади револверот и веднаш пука наместо да следува директна борба. Сепак беше забавно.

Џесика Честејн ѝ се приклучи на актерската екипа. Како беше да се глуми рамо до рамо со неа?
– Одлично беше што ни се приклучи. Реално немавме многу заеднички сцени, туку само неколку моменти во последниот чин од филмот. Таа имаше повеќе сцени со Џин, а со мојот лик интеракцијата беше повеќе низ секвенци да бидам искрен. Тука беше застапен техничкиот аспект во кој морате да внимавате на временското темпирање и да сте свесни дека сцените ќе се додаваат во постпродукциската фаза. Пред сè беше технички дел од филмот.

Дали сте навикнат на вакви сцени?
– Апсолутно. Кога почнав да снимам филмови со специјални ефекти, морав да знам што ќе биде подоцна вметнато. Ние го имаме графичкиот приказ на сцените како треба да изгледаат, но сега тоа се визуализира однапред на компјутер, како сè ќе изгледа и какви ќе бидат физичките елементи. Знаете дека на крајот ќе биде феноменално, затоа што тимот напорно работи тоа да изгледа така. Инаку уживам во техничките предизвици. За мене тоа е нешто ново и интересно што треба да се научи. Не станува збор само за времето поминато со актерската екипа, туку и со екипата за специјални ефекти, кога сте врзани со сајли и ве држат во заднина. Сите комуницираме во ист ритам, како танц во кој особено уживам.

Какво е чувството да се биде на филмскиот сет? Дали сè уште ви е забавно? Дали можеби сега сте посериозен?
– На почетокот навистина се трудите да се зближите со сите, се запознавате и слично. Знам дека малку може да иритира кога луѓето сакаат да воведат малку ред на сетот, но тоа исто така е многу важно за актерите да се зближат меѓу себе, да се чувствуваат удобно и да се има другарски однос. Ние имаме меѓусебна доверба, се потпираме еден на друг и сите се сакаме. Мислам дека станува збор најмногу за зрелост.

Дали некогаш сте посакале да се издвоите како што се изолира ликот на Магнето во филмот?
– Зависи какво ми е расположението дента. Дефинитивно има периоди кога сакам да се изолирам од светот и да се повлечам некаде каде што ќе бидам сам со своите мисли. Важно е што меѓу себе се согласуваме, добро се познаваме и секој знае што точно треба да направи. Заемно се почитуваме и секогаш си помагаме доколку некој има проблем пред камерите. Си даваме максимална поддршка и сакаме да го дадеме најдоброто од нас на снимањето.

Која е главната тема овој пат во филмот?
– Мислам дека се женските ликови и, секако, моќта. Сајмон имаше незавршена работа уште од делот „Последната битка“, а од „Апокалипса“ станува јасно дека ја градеше оваа приказна. Таму беа корените, а временското темпирање се усогласи со она што се случува и во реалниот свет. Но Сајмон секогаш го имаше тоа во главата, еднаквоста меѓу машките и женските ликови.

Дали ви беше драго што овој пат не сте вие заканата?
– Да бидам искрен, малку бев љубоморен што некој друг ќе биде негативец. Иако во „Апокалипса“ веќе го покажав тоа, сепак некако се навикнав јас да бидам лошиот.

Дали сметате дека ова е последен филм за оваа актерска екипа? Дали би се вратиле повторно доколку ве побараат?
– Воопшто не знам. Тоа не е во моја надлежност, за тоа се задолжени луѓето што ја имаат франшизата. Воопшто не размислувам во тој правец, затоа што имав одлично искуство во овие четири филма и сум задоволен. Ако се појави нешто интересно, секогаш сум подготвен да го разгледам сценариото.

Подготвила:
Билјана Здравковска