Под наслов „Разоткривање“ утревечер, во рамките на „Скопско лето“, со почеток во 21 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар, ќе биде отворена изложба на Владимир Лалиќ од Белград. Ќе бидат презентирани дела изработени во комбинирана техника туш и офсет-боја на плексиглас во дел од кој е имплементирана и звучна подлога.

– „Разоткривање“ е доживување и спознавање на инспирациите на авторот, низ непознатите простори во кои битисува. Акцентот е ставен на бесмисленото талкање на современиот човек во денешно време. Сите цртежи на еден начин претставуваат загатки што се мешаат со одреденото и неодреденото, и токму поради тоа овој загадочен карактер, на уметничкото дело „ја надживува интерпретацијата“ – посочуваат меѓу другото организаторите на оваа изложба реализирана како соработка меѓу здружението на граѓани „Доминиум културно јадро “ и Музејот на градот Скопје.

Владимир Лалиќ (1983) е роден во Белград каде што и дипломирал на Факултетот за применети уметности, а специјализирал на Факултетот за ликовни уметности на отсекот графика. Тој ѝ припаѓа на средната генерација ликовни уметници, изложувал во Србија, Франција, Италија, Германија. Во Франција и во Италија добива и значајни награди, а препознатлив е и по инкорпорирање на музичкиот талент во своите дела. Член е на хорот „Вива вокс“ со кој настапувал на повеќе оперски претстави и концерти во светот.