Фото: Игор Бансколиев

Проблемот со недостиг од кадри во угостителството е сложен и комплексен, како поради слабиот одзив на учениците за запишување во средните угостителски училишта, така и поради флуктуацијата на работна сила, која е особено изразена во летната туристичка сезона кога работниците заминуваат на работа во други земји како Хрватска, Малта, Црна Гора

Угостителскиот сектор се соочува со голем недостиг од кадар, особено на веќе квалификуван кадар, почнувајќи од келнери, па до собарки, готвачи, рецепционери, менаџери и другите потребни фели во секторот. Ваквата состојба, секако, се одразува и врз самиот сектор, а таа е карактеристична за сите области поврзани со угостителството и туризмот.

Упатените истакнуваат дека проблемот не е карактеристичен само за Македонија, туку дека станува збор за проблем што се појавува во регионот и пошироко и е особено изразен во периодот на летните одмори.

– Има голем недостиг од кадар во туристичките дејности и тоа е особено изразено во летните месеци кога имаме најголема потреба. Проблемот не е нов, туку напротив е присутен веќе со години и се обидуваме да го надминеме со ангажирање на работниците со договори на неодредено време или на повеќе години. На тој начин сакаме да им укажеме дека сигурно ќе имаат обезбедена плата во текот на целата година и дека сакаме да ги задржиме на нивните работни места за да немаме недостиг од работници во летните месеци кога се најпотребни – појаснува Блаже Крстевски, претседател на Асоцијацијата на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови ХОТАМ.
Тој додаде дека најголем дел од македонските граѓани заминуваат за работа во најблиските туристички дестинации како Грција, Хрватска и Малта и посочи дека ваков недостиг не се чувствува во зимските месеци, кога проблемот не е толку изразен бидејќи потребата од работници ниту во нашата земја ниту пак во соседните земји не е толку голема.

– Недостигот од стручен кадар е проблем со кој се соочува целокупното стопанство во државата. Сите технички струки го имаат овој проблем. Во таа насока, ниту угостителството и туризмот не се заобиколени. Проблемот е сложен и комплексен, особено ако се има предвид фактот дека има слаб одзив на учениците за запишување во средните угостителски училишта. Друг проблем е флуктуацијата на работна сила, која во оваа дејност е изразена во голем обем особено во шпицот на летната туристичка сезона кога многу од нашите работници заминуваат на работа во други земји, каде што атрактивноста на работните позиции во угостителството и туризмот има значително поголема вредност. Таков е примерот со Хрватска, Малта и Црна Гора – велат од Стопанската комора на Македонија.

Од комората појаснуваат дека ваквата состојба директно влијае и на неможноста за реална примена на моделот на преквалификацијата и доквалификација на кадри во рамките на неформалното образование.
– Имено, инвестирањето во доедукација на кадарот не носи сигурност за угостителите, бидејќи законски не постои можност вработените да останат на работните места и покрај вложувањето на сопствениците во нивна доедукација. Истовремено пазарот на трудот во регионот и пошироко нуди можност за повисоки плати и услови за работа, кои се пресудни за голем дел од потенцијалниот кадар да замине од земјата – додаваат од СКМ.
Потпретседателот на Сојузот на Стопански комора на Македонија, Александар Милошевски, истакна дека во сите сектори недостигаат квалификувани работници, особено во градежништвото, индустријата, туризмот, услужните дејности како и во приватното здравство.
– Потребна е консолидирана оцена за потребите на стопанството и човечките потенцијали во земјата со можност за преквалификации, а долгорочно стратегиска промена на севкупниот образовен систем. Реформите во образованието и наставните програми треба да ги следат потребите на стопанството и адекватно на тоа да се насочува и идниот кадар, кој треба да биде активен на пазарот на трудот. Само на тој начин би имале систем што функционира. Исто така, по примерот на западните земји како Германија, Австрија, едно од можните решенија е воведување дуален систем на средното стручно образование или учење преку работа со системска поддршка и субвенции за учениците, кои би се определиле за таков вид образование – истакна Милошевски.

[email protected]